Кадарот на СДСМ, Петар Атанасов поднесе оставка од функцијата заменик-министер во Министерството за образование и наука, поради како што образложи во отвореното писмо до премиерот Зоран Заев и јавноста, неспроведувањето на реформи во овој сектор.
Пред да стане заменик-министер тој беше пратеник.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Каков имот пријавил Петар Атанасов, заменик-министерот за образование, кој си поднесе оставка
Што пишува во неговата биографија?
Проф. д-р Петар Атанасов oд 1990 до 1994 година работи како новинар во Македонската телевизија, најпрвин во информативната програма, а потоа и во редакцијата за надворешна политика.
Од 1994 до 2001 година работи во Министерството за одбрана, најпрво како советник за односи со јавноста и портпарол на министерот, а потоа и како уредник во издавачката дејност на Министерството.
Кон крајот на 2001 година се вработува во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања како асистент истражувач, со завршени постдипломски студии на Филозофскиот факултет по социологија на етнички групи.
Во 2011 е промовиран во редовен професор по социологија и комуникации. Предавал повеќе предмети: социологија, општествени промени, мултикултурализам, глобализација и комуникации и менаџмент на промени.
Од 2011 година предава методологија на научни истражувања и дизајнирање на научен проект на сите групи на постдипломски студии на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.
Од 2004 до 2006 предавал мултикултурализам на постдипломските студии за човекови права на Универзитетот во Сараево во соработка со Универзитетот во Болоња.
Од 2004 година е член на Балканската мрежа на научни истражувачи на глобалното владеење при Лондонската школа за економија и политички науки.
Од 2006 година е член на Научниот борд на Центарот за европски и ориентални студии на Универзитетот во Болоња. Од 2008 до 2010 е визитинг професор на Универзитетот Американ колеџ-Скопје. Од 2012 година е член на Бордот на научното списание Политичко однесување и за политички анализи од Букурешт на Југоисточна Европа.
Координатор е на постдипломските студии по Нови медиуми и социјални мрежи. Исто така, е главен креатор на докторскиот студиум Социологија на организацијата. Член е на Центарот за меѓуетнички односи и Центарот за култура, медиуми и комуникации при ИСППИ.
Фото:Фејсбук/Атанасов