Она што веќе извесен период се шпекулира во политичките кругови, дека партиите на големо се подготвуваат за предвремени парламентарни избори напролет, станува видливо и од однесувањето на двете најголеми партии во Македонија, владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а за сега срамежливо и кај ДУИ.
Двете најголеми партиите иако извесно време разговараат на темата, се уште не се договориле (барем за пред јавноста) дали изборите би биле напролет, како што бара ВМРО-ДПМНЕ или во октомври следната година, на што инсистира СДСМ, но на дневна основа станува се појасно дека сериозно работат на случајот.
Па така, лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера информираше дека формирал тим од стратешки соработници. Тимот е формиран од домашни и странски професори, доктори по наука, експерти, аналитичари…, кои како што рече ќе му помогнат во обновата на Македонија.
Партијата веќе на големо на терен со граѓаните ја спроведува акцијата „Разговори за обнова на Македонија“, а Мицкоски вчера повторно побара предвремени избори напролет, во март.
Претходно бараше избори во април или мај.
Владејачката партија СДСМ пак истиот ден ја стартуваше новата кампања под мотото „На прав пат“.
И тие како ВМРО-ДПМНЕ на трибини ќе разговарале со граѓаните, ама тоа како што изјави генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски не било преизборна кампања, туку тековни активности на партијата.
И тој го повтори ставот на СДСМ, за избори во октомври, но не ја исклучи можноста за предвремени избори.
Ако на сето оваа се додаде дека периодот има нов бран на вработувања во јавниот сектор, како и експресното изгласување во Собранието, вчера, на законското решение за покачување на платите на вработените во администрацијата и те како мириса на избори.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
И ракометарот Борко Ристовски во тимот на стратешки соработници на Мицкоски: Кои се другите
Пратениците изгласаа зголемување на платите во јавниот сектор за 5 отсто
Фрчат огласи за државни вработувања додека се бара лек за вишокот во администрацијата
„Македонска пошта“ вработува 80 лица, плата до 23.381 денари