Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – јуни 2022 година продажбите на Алкалоид АД Скопје достигнуваат 5.283.892.387 денари, што е за 10% повеќе во споредба со истиот период од минатата година, информираат од компанијата.
Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 7.131.908.525 денари, што е за 14 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
„Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 3%, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 20%.
Од вкупните консолидирани продажби 32 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 68% се остварени на странските пазари.
Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 32%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21%, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР, …) се остварени 14%, а на другите пазари е остварен 1% од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Полска (раст од 163%), Романија (раст од 140%), Германија (раст од 93%), Бугарија (раст од 55%), САД (раст од 45%), Ерменија (раст од 40%), Грција (раст од 28%), Турција (раст од 28%), Косово (раст од 13%), Словенија (раст од 8%), Албанија (раст од 6%), Србија (раст од 6%), итн..
Во периодот јануари – јуни 2022 година во сегментот фармација се реализираа и првите поголеми продажби во Португалија, во износ од 9 милиони денари и во Монголија, во износ од 7 милиони денари“, велат од компанијата.
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 88%.
„Од нив поголем удел имаат антибиотиците со удел од 23%, препаратите ОТЦ со 18%, кардиолошките препарати со 14%, невролошките препарати заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби, итн..
Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12% во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 3%, козметика со 7%, а билкарство учествува со 2%.
Вкупните продажби бележат пораст кај сите профитни центри во споредба со остварените во истиот период од 2021 година. Сегментот фармација бележи раст од 14%, хемија од 15%, козметика од 5% и билкарство од 19%“, велат од компанијата.
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.168.168.959 денари, бележи зголемување од околу 10%, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 683.064.178 денари и е зголемена за 16%.
„Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.192.089.132 денари и бележи раст од 7%, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 649.426.813 денари е зголемена за 11%“, велат од компанијата.
При извршувањето на оперативните активности Аалкалоид АД Скопје ангажираше над 1.000 домашни добавувачи, посочуваат од компанијата.
Бизнис-план за 2022 година
Бизнис-планот за 2022 година, донесен со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, на Седницата одржана на 29.12.2021 година, предвидува инвестирање на околу 14% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 8% на консолидираните продажби во однос на 2021 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2021 година, велат од компанијата.
Бизнис-планот за 2022 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2022 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот, посочуваат од компанијата.
Очекувања за претстојниот период
„Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на Ковид-19. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото.
Во согласност со очекувањата, уште во текот на минатата година здравствената криза се претвори и во економска, а со тоа се појавија и нови предизвици во работењето. Она што како тренд започна во 2021 година, а ќе доминира и во 2022 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали, енергенсите, како и порастот на цените на транспортот на глобално ниво, а особено и значителните пролонгирања на роковите за испорака.
Сето ова веќе започна да влијае и на стапката на инфлацијата што веројатно како тренд ќе биде уште понагласен во периодот што следи. Земајќи го предвид конфликтот помеѓу Русија и Украина, започувајќи од 24 февруари 2022 година, Алкалоид АД Скопје превзема неопходни мерки за заштита на инвеститорите, купувачите и вработените обидувајќи се да им овозможи безбедни услови.
Како најголем предизвик и прв приоритет за периодот што доаѓа и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели“, велат од компанијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Акцијата на Алкалоид за шест месеци пораснала за 21,4%
За шест месеци Алкалоид инвестирал 490 милиони денари и има 127 нови вработувања