еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Амандманите на бугарските европратеници за “бришење“ на македонскиот јазик и идентитет не поминаа во Мешовитиот парламентарен комитет – Македонија и ЕУ

Јубилејниот 20-ти Мешовит парламентарен комитет (МПК) – Македонија и ЕУ (Парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација), што се одржа оваа недела во Европскиот парламент во Стразбур, прв откако земјава ги отпочна преговорите за членство во ЕУ, помина во најголем дел во конструктивна клима.

Размената на мислењата за животната средина и енергетиката, добрососедски односи и регионална соработка, извештајот за Дијалогот Жан Моне, за владеењето на правото, борбата против организиран криминал и корупција и за Граѓанско општество и медиумите, по што следуваше усвојување на препораки беа ставени во втор план, по настапите на бугарските европратеници Александар Јорданов и Александар Џамбаски, по што дојде репликата на претседателката на македонската собраниска делегација Соња Мираковска, пишува дописникот на МИА од Стразбур.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Пратеничката Мираковска ги потсети бугарските европратеници дека имаат бугарски пасоши кои се регистрирани на бандера

На изјавата на бугарскиот европратеник Александар Јорданов, во која тој посочи дека треба да се промени македонскиот Устав за да отпочнат преговорите со ЕУ, пратеничката Соња Мираковска му реплицираше со зборовите:

– Вие на мене ниту на моите сограѓани никогаш не можете да им кажете дека зборуваат на погрешен јазик. Јас сум Македонка, зборувам на македонски јазик и живеам во Македонија која сега се нарекува С Македонија и тоа е мојот идентитет.

Таа додаде дека е потребно взаемно разбирање и почитување и дека не може Бугарија да им кажува на македонските граѓани дека тие зборуваат погрешен јазик.

Мираковска го нагласи мултиетничкиот карактер на македонското општество кое е пример во Европа.

-Ги признавам моите сограѓани Албанци, Турци, па и Бугари ако ги има. Македонија е пример за мултиетничко општество. Овде се нашите колеги кои тоа можат да го потврдат. Се појави еден голем проблем поради нашето долго чекање, а тоа е земањето бугарски пасоши: за да се купи џип на почетокот, за да се отиде во Европа, нагласи Мираковска.

Македонската пратеничка, притоа образложи како македонски државјани земале бугарски пасоши и како е тоа проблем на Бугарија, што треба да си го истражи.

-Поради нашето долго чекање за членство во ЕУ се појави проблем, а тоа е земањето бугарски пасоши. Прво беше тоа да се купи џип и да се оди во Европа. Вие имате бугарски пасоши на македонски граѓани регистрирани на една бандера во град во Бугарија. Тие пасоши се на нелегален начин дадени и тоа треба да се истражува, тоа е ваш проблем, рече Мираковска.

Таа повика дека кризата која што претстои е можност луѓето да се погледат во очи и да си подадат рака.

-Оваа криза ќе е тешка за нас како мала земја, но ние сме навикнати на тешки услови. Кризата ќе биде потешка за другите, кои се навикнати поубаво да живеат. Ние долго време тешко минуваме и нашите граѓани минуваат тежок пат. Кога сте така научени, полесно ги минувате кризите. Но, да се освестиме и да бидеме луѓе меѓу себе, за да можеме да се движиме по патот, нагласи Мираковска.

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, после излагањето на бугарскиот европратеник, Ангел Џамбаски, кој зборуваше за односите помеѓу Македонија и Бугарија, рече дека две вистини треба да се прифатат во двете земји, а тоа е дека „Втората светска војна е завршена пред повеќе од 70 години, а второ дека Студената војна заврши пред повеќе од 30 години.“

-Бидејќи изгледа не сме ја извлекле лекцијата дека сите несреќи на Балканот во последните 30 години произлегоа од неприфаќањето на овие две вистини. Тоа е оптоварување од двете страни на границата. И битката не е ниту национална, ниту етничка меѓу С Македонија и Бугарија.

Туку е битката меѓу оние сили коишто сакаат овие две држави да живеат во мир, пријателство и со заедничка европска иднина, како што сме денес сојузници во НАТО, и оние што сакаат да профитираат од вечно замрзнат или затоплен конфликт, зависно од потребата помеѓу нашите два народи, нашите две држави кои се соседни и многу блиски, и кои е природно да бидат блиски, реплицираше Маричиќ.

Тој притоа потсети дека добрососедските односи и продлабочувањето на регионалната соработка се високо на агендата на Владата, бидејќи тоа е од заеднички интерес и на Македонија и на Бугарија, додавајќи дека земјата останува посветена на добра волја за да се спроведуваат билатералните договори и дополнително да се зајакнуваат добрососедските односи, со што помалку емоции, а што повеќе факти и заеднички активности.

-Важно е напорите да се од двете страни на границата. Само така ќе имаме стабилно пријателство. Се друго ќе биде разбрано како уцена, како притисок, и тоа може да раѓа фрустрација и такви изливи какви што видовме на стадионот во Скопје, посочи Маричиќ.

На обвинувањата од европратеникот Џамбаски за сепаратизам од страна на Македонија, Маричиќ одговори дека ние сме држава членка на НАТО, докажан партнер и која нема на ниту ден начин посегнато по кој било сосед, туку напротив дека добрососедските односи ни се постојана тема.

-Дури и нашите граѓани во еден дел сметаат дека единствена тема на европските интеграции се добрососедските односи и дека европските интеграции постојат за да им удоволиме нешто на сите соседи. Знаеме дека не е така, но таква е перцепцијата, рече Маричиќ во Европскиот Парламент (ЕП), пред европратениците, и повика на соработка и на работа, од двете страни на границата и посочи дека од наша страна веќе има подадена рака.

Инаку, препораките на Мешовитиот парламентарен комитет беа усвоени, без прифаќање на ниту еден од амандманите, особено тој на бугарските пратеници Александар Јорданов и Сергеј Станишев кои побараа да се избрише од препораките дека се почитува македонскиот културен идентитет и се гарантира признавањето на македонскиот јазик. Предлог кој беше отфрлен од мнозинството на МПК.

Постојаниот известувач во ЕП за напредокот на Македонија, Илхан Ќучук, посака наскоро и македонските пратеници да се најдат во заедничкиот нивни дом ЕП, бидејќи, рече, местото на Македонија е во ЕУ.

-Многу ми беше пријатно што се видов со колеги од Народното собрание на С Македонија, да размениме идеи за многу теми од регионално, национално и европско значење. Ова е и нивен дом, на сите наши колеги и се надевам дека еден ден.

За многу набрзо и С Македонија да стане членка и да има свои европратеници и да носиме одлуки заедно со нашите колеги од С Македонија. До знамето на Грција и Бугарија да стои и знамето на С Македонија. Тоа е смислата на овие средби, да поставиме темели кои ќе донесат добри резултати, рече Ќучук, кој го подготвува својот последен извештај за земјата во овој петгодишен мандат.

За Соња Мираковска, претседателката на македонската парламентарна делегација и копретседател на Мешовитиот комитет главната порака од завршениот состанок е дека Македонија ги започна преговорите.

-Тоа го потврдија претставниците на Европската комисија дека со Македонија работите се движат, започнати се разговорите, почнат е скрининг процесот, се очекува наредната година да заврши и дека сме на патот на кој заедно работиме, на пат на кој споделуваме информации, одиме напред кон ЕУ, рече Мираковска.

Од европратениците беше потенцирано дека бојкотирањето на Собранието не е начин да се оди напред, особено не да се имплементираат реформите што ќе не однесат во ЕУ, изјави за МИА пратеничката Соња Мираковска по завршувањето на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија – ЕУ.

-Затоа една од последните теми или петтата тема за нашиот 20-ти состанок е процесот „Жан Моне“, што со него, како ќе продолжиме и кога ќе го завршиме затоа што тој ќе ни донесе еден деловник што ќе биде помодерен, кој ќе биде ефикасен и со кој ќе можеме практично да одговориме на предизвиците, Собранието да биде функционално, да најдеме начин за компромисни решенија со опозицијата за да можеме практично да ги спроведуваме реформите, да ги носиме законите со кои ќе се спроведат реформите, рече таа.

Таа притоа посочи дека следува Меморандум со кој ќе се дефинира улогата на Собранието и двете важни тела во Собранието, а тоа е Комисијата за европски прашања, но и Националниот совет кој го води претставник на опозицијата, две важни тела кои ќе си ги поделат задачите околу пристапниот процес.

Мираковска потсети и дека Собранието веднаш по носењето на одлуката на Европскиот совет донесе заклучоци во кои ги постави црвените линии.

-Собранието ги задолжи и оваа Влада и идните влади работите за кои не може да се преговара, а тоа се идентитетските прашања, прашањата за македонскиот јазик, прашањата кои се однесуваат на нашето право за нашата историја и дека билатералните договори треба да се потрудат идните влади да не дозволат да бидат предмет на преговори во дел на преговарачката рамка, туку надвор од процесот, рече таа.

Основна цел на МПК е разгледување на сите аспекти на односите меѓу Македонија и ЕУ, особено имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Комитетот формално придонесува кон издигнување на повисоко ниво на односите и соработката на Собранието со Европскиот парламент, на неговата улога во Спогодбата налага обврска за Советот на ЕУ, Европската комисија и Владата на Македонија за нивно целосно учество во неговата работа и редовно информирање на секој состанок на МПК за степенот на спроведување на Спогодбата.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Вкупно 241: 22 нови случаи на заболени со коронавирусот, 9 во Скопје

Редакција

Ќе недостасуваат гуми за автомобили: Автомобилската по прехранбената индустрија, е вториот сектор кој најсилно е погоден од руско-украинската војна

Редакција

Ацо Трпковски е убиениот доктор во скопска Железара

Редакција