Апсолутно, со воведувањето на прогресивниот данок не се задава никаков удар на индустријата, поради тоа што другите даноци во Македонија остануваат во најголем дел исти, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
„Ние зборуваме за персоналниот данок. За едно праведно даночење. Јас сум еден од тие кои секако подлежи на ова даночење и апсолутно мислам дека е праведно да сите ние кои што имаме поголеми приходи, кои што транспарентно ги објавуваме да помогнеме да изградиме една по фер заедница.
Што се однесува до прагот, не е мој праг, не е праг на никого, тоа е праг на Владата или пред сѐ тоа е праг којшто беше анализиран во Министерството за финансии и покасно нели, со премиерот кој што ја води Владата беше одлучено да тоа биде праведниот праг на кој што ќе се оданочуваат сите приходи со 18%.
Јас се согласувам со тој праг, затоа што на тој начин се заштитува интересот на младата интелектуална класа во Република Македонија, којашто сакаме да остане во државата, да ја гради државата, тоа се информатичарите, тоа се младите инженери, младите доктори специјалисти, кои што отприлика стигаат до некакви плати од 1.000 евра, сите тие се изземени од оваа мерка.
Во оваа мерка влегуваат само 1 % од граѓаните на Република Македонија кои што имаат најголеми лични приходи и мислам дека сите тие, а во нив спаѓам и јас, навистина треба да се солидаризираме и да знаеме дека практично го правиме доброто за најголемиот дел на граѓаните на Република Македонија и мислам дека мерката е апсолутно праведна“, рече Анѓушев.
Фото: Влада
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бизнис-заедницата против прогресивниот данок: Ќе се зголеми сивата економија