Јавните претпријатија да добијат заменици директори наместо како досега во отсуство на директорите нив да ги менуваат определени заменици кои се веќе вработени во претпријатието, предвидува предлог-законот за јавни претпријатија што по скратена постапка се турка во Собранието.
Јавноста реагира на ова решение со оглед на тоа што со него се отвара простор за вработување на педесетина партиски функционери.
„Со предложените законски решенија во јавните претпријатија основани од Владата на Република Македонија ќе се уреди замена на органот кој раководи со работата на јавното претпријатие директорот односно во негово отсуство наместо постојното законско решение да се определи вработен кој во негово отсуство го заменува и го води тековното работење, директорот ќе го заменува заменик на директорот кој ќе биде избиран и разрешуван од Управниот одбор под исти услови кои важат за дирекорот на јавното претпријатие“, пишува во предлог-законот.
Ви го пренесуваме објаснувањето на новите законски одредби:
Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија содржи 8 члена.
Во членот 1 се уредува членот 19 став 2 точка 11 од Законот со кој се допрецизира дека Управниот одбор на јавното претпријатие го избира и разрешува директорот и заменик на директорот на јавното претпријатие, основано од Владата на Република Македонија врз основа на јавен конкурс.
Со членот 2 управниот одбор на јавното претпријатие, три месеца пред истекот на мандатот на постојниот директор донесува одлука за распишување на јавен конкурс за избор на директор односно градоначалникот на општината, односно на градот Скопје,а за Управниот одбор на јавното претпријатие основано од Владта на Република Македонија и за заменик на директор.
Во јавен конкурс од се утврдуваат условите кои треба да ги исполнува кандидатите за директор и заменик на директор, потребната документација и времетраењето на конкурсот. Пристигнатите документи ги прегледува тричлена комисија избрана од управниот одбор, односно градоначалникот на општината, односно на градот Скопје и во рок од осум дена по истекот на рокот на конкурсот целокупната документација ја доставува до управниот одбор на јавното претпријатие, односно градоначалникот на општината, односно на градот Скопје.
Управниот одбор, односно градоначалникот на општината, односно на градот Скопје, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на документацијата од ставот 3 на овој член, донесува одлука за избор на директор како и ако по распишаниот конкурс не се избере директор, кој ја врши должноста директор.
Во членот 3 се уредува дека со работата на јавното претпријатие основано од Владата на Република Македонија раководи директор кој има заменик што го заменува и го води тековното работење на јавното претпријатие во негово отсуство, како и усогласување на одредбите на членот 23 од законот со предложената измена.
Во членот 4 се уредува дека директорот и заменик на директорот на јавното претпријатие, основано од Владата на Република Македонија, за својата работа одговара пред управниот одбор на јавното претпријатие. Директорот склучува договор со управниот одбор за уредување на односите со јавното претпријатие, во кој поединечно се утврдуваат правата, одговорностите и овластувањата согласно со закон.
Како и дека директорот, заменик на директорот, членовите на управниот одбор и членовите на надзорниот одбор, ако извршат, односно донесат одлука за која знаеле или за која со оглед на околностите, морале да знаат дека ги повредуваат интересите на јавното претпријатие, одговараат неограничено и солидарно за штетата настаната со таквата одлука. Одговорноста се утврдува согласно со одредбите од Законот за трговските друштва кои се однесуваат на органите на управување.
Со членот 5 е уредено под кои услови се разрешува директорот и заменик на директорот пред истекот на мандатот согласно законот, како и доколку не се избере нов директор, управниот одбор, односно градоначалникот на општината, односно на градот Скопје, именува вршител на должноста директор на јавното претпријатие, но не подолго од шест месеца, а во случаите кога во јавното претпријатие основано од Владата на Република Македонија има заменик на директор на кој не му е истечен мандатот, до именување на директор по распишан конкурс но не подолго од шест месеца тој ја врши должноста директор.
Со членот 6 од Предлог законот се регулира дека член на управниот одбор на јавното претпријатие не може да има лично, преку трето лице или по било која основа, интереси во претпријатие или трговско друштво кое е во деловни односи со јавното претпријатие, кои можат да имаат било какво влијание на неговата независност и непристрасност во одлучувањето во јавното претпријатие.
Секој член на управниот одбор, односно директорот и заменик на директорот на јавното претпријатие основано од Владата на Република Македонија, се должни да го предупредат основачот на постоењето на ваков интерес кај еден или повеќе членови на Управниот одбор.
Со членот 7 како преодна одредба се уредува кога треба да заврши постапката за избор на заменик на директор на јавно претпријатие основано од Владата на Република Македонија .
Со членот 8 се регулира стапувањето на законот во сила.
Целиот предлог-закон ТУКА.