Советот за етика во медиумите (СЕММ) денеска, преку видео-обраќање на Фејсбук, ги соопшти наградите од конкурсот за најдобри новинарски трудови поврзани со известувањето за пандемијата на коронавирусот (Ковид-19), предизвиците и последиците од неа.
Прво место, според едногласната одлука на 3-членото жири, освои редакцијата на Истражувачката репортерска лабораторија за сторијата на тема „Несигурни дијагнози: Како лажно декларирани холандски тестови за КОВИД од Кина завршија во Македонија, САД и земјите на ЕУ.
Сторијата можете да ја прочитате ОВДЕ.
„Сторијата опфаќа мошне релевантна и содржајна тема од поширок јавен интерес, којашто открива меѓународна мрежа на злоупотреби во име на профитот во време на пандемија“, велат од СЕММ.
Втората награда на годинешниот конкурс на СЕММ ја oсвои сторијата со наслов „ТВ 21 влезе во лабораторија, како се обработуваат тестовите со коронавирус“, на авторот Јовица Пауновски, објавена на Телевизија 21.
Сторијата погледнете ја ОВДЕ.
„Се работи за репортажа која носи актуелна приказна од Лабораторијата на Факултетот за ветеринарна медицина, Скопје, каде што се обработуваат брисевите од пациенти со симптоми на Ковид-19. Репортажата ги објаснува постапките во правењето на тестовите за коронавирусот, условите и начинот на којшто се работи и луѓето кои се вклучени“, велат од СЕММ.
Жирито одлучи на годинешниот конкурс третата награда да ја поделат новинарски трудови на двајца автори.
Во првиот случај наградени се ТВ-прилозите: „Битката за храна посилна од стравот од КОВИД-19“ (сторијата ОВДЕ) и „Дијабетот – втор најголем ризик за коронавирусот“ (сторијата ОВДЕ) на авторката Катерина Топалова, емитувани на МТВ.
Вториот серијал третонаградени стории се: „Во село Баланци и во Дебар непосредно пред прогласувањето на кризна состојба“ (сторијата ОВДЕ) и „Најголем број од новозаразените во последните недели се од неколку скопски општини и од Тетово – слика од терен“ (сторијата ОВДЕ), на авторот Хекуран Акифи, емитувани во емисијата 360 степени, на телевизија Алсат – М.
Освен награди за најдобрите стории, жирито одлучи да додели и две пофалници.
Првата пофалница се доделува за новинарскиот труд на авторот Петре Димитров за сторијата со наслов „Македонски маски, визири, тунели за дезинфекција, скафандери: Коронавирусот отвори и нови бизнис можности“ (сторијата ОВДЕ), објавен на порталот еМагазин.
Жирито одлучи да му додели пофалница на новинарот Зоран Јованоски, за сториите „Истражување: зошто ги нема, а и ако ги најдете се поскапи – маските, средствата за дезинфекција, ракавиците“ (сторијата ОВДЕ) и „Во струшко Лабуништа раздвижено и по 5 починати и 20-ина заразени од коронавирусот“ (сторијата ОВДЕ) , емитувани во емисијата 360 степени, на ТВ Алсат М.
Со жирито претседаваше Венера Азизи, а негови членови беа и Емилија Петреска Камењарова и Герман Филков.
Како што истакна извршната директорка на СЕММ, Марина Тунева, без неуморната работа на медиумите и професионалното известување, на граѓаните ќе им недостигаа многу информации околу пандемијата на коронавирусот, ниту, пак, ќе беа во можност да се справат со мноштвото дезинформации, шпекулации и невистини кои што дополнително ја зголемуваат загриженоста и стравувањето кај јавноста.
Јавниот повик на СЕММ беше отворен за сите професионални новинари и редакции, кои објавиле свои стории во медиумите во Македонија, во периодот од 1 јануари до 31 мај годинава.
На годинешниот конкурс се пријавија вкупно 66 новинарски стории од кои 28 објавени на телевизија, 26 на интернет портали, шест во новинска агенција, три во печатени медиуми и три на други медиумски платформи, односно вкупно 30 автори.
Наградите се доделуваат со финансиска поддршка од УНЕСКО и ЕУ во рамки на проектот „Градење доверба во медиумите во Југоисточна Европа и Турција – фаза 2“.
Соопштување на добитниците на наградите за најдобри новинарски стории
#TrustInMediaSEE
Posted by Совет за етика во медиумите на Македонија/The Council of Media Ethics on Понеделник, 29 јуни 2020