Премиерот Зоран Заев во интервју за српски Курир, раскажува како го поминал патот од продавач на лубеници до премиерската позиција, како го заработил првиот милион…, но и за првата љубов, сопругата и децата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Заев најави повлекување од политика за три години, ќе се врател да работи во семејните компании
Моето име и младост се врзани за Србија, вели во интервјуто Заев.
„Се што сме правеле, целиот наш семеен капитал е поврзан со Србија. Првата девојка ја имав во Горњи Милановац. Преубавата Јелена. Ја запознав едно лето додека продавав лубеници, пиперки, патлиџани и краставици во тоа место.
Првиот екстра профит го заработив продавајќи прашок за алишта од Србија, а првите милиони кога во Србија ја продадов сувата пиперка“, вели Заев.
Заев раскажува и дека името го добил по Зоран од Горњи Милановац, кој бил добар другар на неговиот чичко Душко.
Вели дека до неговата четврта година живееле во селото Муртино, а потоа се преселиле во Струмица и дека целото негово семејство и родителите, како и неговиот брат Вице, многу работеле земјоделство.
Раскажува дека секое струмичко село имало по еден град во Србија, каде традиционално се продавале струмичките земјоделски производи, а Муртино било доминантно во Горњи Милановац.
“Некои пет-шест лета одев со дедо и чичковците, а некогаш и сам одев на тој пазар. Убави пари заработивме. Од три месеци работа на пазарот во Горњи Милановац, јуни, јули, август, подигнавме четириспратна куќа. Тогаш вредеа и работата и парите.
Сето наше богатство тргна од земјоделството. Во тоа време до Горњи Милановац се патуваше и повеќе од десет часа. Во камион, под церада, робата и ти. Ама проблем беа камионите со лубеници.
На лубениците не можеш ни да седиш, ни да лежиш. Кога беа патлиџаните и краставиците, беше ОК, бидејќи меѓу гајбите можеш да ставиш нешто и да седиш и да спиеш. И тогаш не се качуваш кај камионите со лубенициите, туку чекаш да натоварат краставици и патлиџани, па се качуваш и одиш. Тоа никако не можам да го заборавам“, вели за Курир, Заев.
Таму ја запознал и првата љубов.
“Пазарот работеше до четири-пет часот. И веќе од шест ние младите одевеме во кафана. Таму ја запознав Јелена, мојота прва љубов. Исто годиште сме. Доаѓаше после и кај нас на пазар.
Тоа траеше барем 2,5 години. Секое лето бев во Горњи Милановац, а помеѓу летата, тие 1989-90 години беше тешко да се одржува врска. Таа имаше фиксен телефон, ама кај што живеев јас, немаше телефон. За среќа, имаше телефонски говорници. Еднаш дојде и во Струмица.
И моите и нејзините сфатија дека се работи за детска љубов, дека повеќе сме како другари. И тогаш далечината го стори своето. Веќе во 1993 година се запишав на факултет во Скопје и се свртев кон студентските обврски.
Знам дека таа живее и работи во Белград, дека има семејство, деца. Случајно тоа го слушнав пред 5-6 години. Ама тоа е прва љубов, не се заборава“, вели за Курир, Заев.
Во интервјуто зборува и за сопругата Зорица и децата Александра и Душко.
Фото: Влада/приватна архива