еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

(Галерија) Лукаревска: Правилно постапив што го послушав татко ми и не станав актерка

Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска годината што изминува ја оценува за успешна на професионален план, а за следната си посакува успех приватно и повеќе време посветено на семејството. Со неа зборувавме за реформите кои се случуваат во институцијата, наплатата на даноците, незадоволството на граѓаните за увидот во банкарските сметки, предизвиците со кои се соочува институцијата поради недостаток на кадар, оптовареноста на е-системот, но и начините како овие проблеми ќе се надминат.

Увидот во банкарските сметки на граѓаните е заради предпополнетата годишна даночна пријава?

Лукаревска оценува дека наплатата на даноците оди добро, но недисциплината кај даночните обврзници во овој период е зголемена. Утврдиле дека во ноември се издадени 3 милиони фискални сметки помалку во споредба со октомври, а имале многу повеќе регистрирани фискални каси.

„Oдредени обврзници колку пати и да ги казнуваме, си ја тераат истата пракса на незконско работење. Со секојдневна едукација на обврзниците се трудиме да бидеме транспарентни и коректни. Сметам дека заеднички треба да придонесеме за добробит на државата. Со плаќањето на даноци го полниме буџетот. Но сведоци сме во секојдневното работење дека има многу недисциплинирани даночни обврзници кои тенденциозно не работат законски. Претходно премногу беа стегнати, беа под постојан притисок и одеднаш сега очекуваат дека во делот на даноците треба да биде анархија, а тука најмалку треба да ја има“, вели Лукаревска.

Таа додава дека избегнувањето на плаќањето на даноци го има во сите индустрии.

„Индустрии во кои најмногу се избегнува плаќањето на данок е угостителството, текстилната индустрија, игрите на среќа се голем кријач на даноци. Скоро секаде, не постои гранка каде се најдисциплинрани. Пофални зборови можам да кажам за големите даночни обврзници кои редовно ги подмируваат даночните обврски, доставуваат пријави, биланси во рок“, објаснува Лукаревска.

Од УЈП чекаат измените на Законот за прекршоци со кој се предвидуваат помали казни, да се донесат во Собрание и тогаш ќе се адаптираат на одредените промени со повеќе опомени и пониски казни.

Во јавноста имаше голема реакција во однос на тоа што УЈП ќе имаат увид во банкарските сметки на граѓаните, но директорката уверува дека оваа институција ја интересираат само приходите, за предпополнетата годишна даночна пријава да биде точна.

„Затоа е важна оваа регистрација за е-персонален данок. Од кога ќе ги добиеме сите податоци за 2018, во 2019 ќе ја издадеме таа предпополнета пријава и ќе ја доставиме на увид на секое физичко лице. Регистрацијата оди интензивно, се зголемува бројот и очекуваме во последните денови да биде најголемата гужва. Имаме отворено канцеларии во општините се работи за викенди и празници“, додава Лукаревска.

На прашањето, како граѓаните да имаат доверба во компетентноста, стручноста и квалификациите на вработените кои ќе имаат директен контакт со нивните сметки и увидот во нив, Лукаревска вели дека сите вработени имаат потпишано соодветни изјави за доверливост.

„Ако излезе податок, ќе знаеме од каде е. Не сум слушнала, но ниту сме биле сведоци дека некоја информација излегла надвор. Би ни било на сопствена штета“, додава таа.

Инспекторите се лицето на институцијата и не секој треба да го работи тоа

Во однос на кочењето на системот на УЈП, забавеноста на која што најчесто се жалат сметководителите Лукаревска вели дека се се случува поради преоптовареност на системот кој е во една „закрпена“ форма.

„Кога нешто е лепено и закрпувано и само е натрупувано на него, тогаш како да очекуваме да оди глатко. Имаме технички проблеми, но не треба да се оди со напади или дека сајтот е небезбеден. Не сакам да зборувам што наследивме и кој се имал право да влезе во тој систем. Тука се правеле каубојски работи, но сакаме да ги исправиме. Многу реформи кои ќе се спроведуваат се врзани за доброто работење на УЈП, се врзани и со доброто работење на ИТ-системот“, објаснува Лукаревска.

За следната година најавија поголема борба со сивата економија преку „Риск евалуејшн системот“, месечни и годишни планови за инспекции, контроли на потекло на имот, фискализација.

„Но пред се ги слушаме граѓаните, странките, фирмите. Ја имаме линијата за пријава 198. Но граѓаните сметаат дека ако се јават денес, утре постапуваме. Тоа сепак е малку подолг процес, но постапуваме. Има нов момент, што е многу интересен. Наши вработени, инспектори контролори се јавуваат на 198, пријавуваат обврзник и истиот тој инспектор зема налог и оди таму. После тоа гледаме нема казна но има извршена услуга на инспекторот, контролор. Сега треба и со тоа да се бориме, така што крај нема“, вели Лукаревска.

Таа смета дека инспекторите се лицето на институцијата и дека некои од нив не треба да го работат тоа, бидејќи ја грубат институцијата.

„Инспекторите мора да се менуваат и направени се одредени промени. Во еден регион имаше еден инспектор за кој знаевме дека каде и да влезеше, мора да изрекетира. По неговата смена, цел регион се јави да честита. Најнеблагодарната работа во Управата е да си инспектор. Ако успееме со новиот проект на реинжинеринг, се ќе оди електронски и тогаш може да има прераспределба на кадар, односно нови лица во инспекција. Се зборува дека кафанџиите имаат група во која ги има сите инспектори со слика и си дојавуваат кога некој ќе влезе. Тие наоѓаат свои начини како да избегнат казни, а и ние, како да го спроведеме законот“, додава таа.

Сакам колегите да ме памтат како нивна поддршка

Лукаревска во УЈП работи од 2006 година, а потоа беше и во кабинетот на Кире Наумов, кога тој беше дополнителен заменик-министер за финансии.

„Во УЈП бев примена како помлад инспектор за големи даночни обврзници, па од таму работев на терен за фискализација, па работев во правна служба на приговори, па понатаму во правни работи во генерална дирекција на прекршочна постапка. Потоа кај Кире Наумов, па се вратив и ме префрлија во големи даночни обврзници, работев во присилна наплата и од таму на позиција директор“, вели Лукаревска.

На прашањето, дали е олеснителна околност што долги години е во оваа институција, таа вели дека во некои сегменти е олеснувачки, но во некои не.

„Ги знам колегите кој на која проблематика работи, како се работело претходно, на што да обрнам внимание на што не, ама има и голем хендикеп. Дел од колегите со кои работев сакаат да ми помогнат и се дел од првиот тим на луѓе со кои работам, бидејќи во нив имам најголема доверба. Но, дел од колегите сметајќи на близината со мене, мислат дека може да прават што сакаат. Но тоа никогаш не се удира на нив, се удира по мене. Но оставам простор да се преиспитаат, и во 2019 година нема да дозволам на моја штета да се случуваат одредени работи“, додава Лукаревска.

Вели дека за време на нејзиниот мандат сака колегите да ја запамтат како нивна поддршка, и за успех ќе го смета, ако постигне наплата која што никој не би ја постигнал.

„Посакувам да имаме успешна наплата континурано. Да постигнеме наплата со која,  кој било директор да дојде, да не може тој врв да го постигне. Тогаш мислам дека би била успешна. Работата е многу неблагодарна, што и да направиш, и да ги спроведеш најдобрите реформи, луѓето секогаш гледаат низ призма на казна. Не гледаат што се сме направиле и дека не се чувствува притисок, туку секоја реформа се пречекува на нож. Ако како институција ја намалиме и сивата економија, тоа е успех“, додава Лукаревска.

Таа објаснува дека има оправданост за оптимизмот дека, 2019 година ќе биде економска. Очекува дека со предпополнетата годишна пријава ќе се зголеми наплатата на персоналниот данок, а со повратот на 15 отсто ДДВ кон граѓаните, мерка која треба да стартува кон средината на следната година, ќе се зголеми и издавањето на фискални сметки.

„Ќе пазарите кај што ќе ви дадат фискална сметка. Ќе издржиме уште половина година со недисциплинираните, па после ќе видат каков притисок ќе им направат граѓаните за да работат законски“, објаснува Лукаревска.

Актерството во гените

Директорката на УЈП е ќерка на актерот Ѓокица Лукаревски и вели дека и таа има талент за глума.

„Татко ми ме остави до средно образование да бидам дел од драмските секции. Но кога дојде моментот за пресврт, односно кога требаше да се запишувам на факултет, ме советуваше да се запишам на Правен факултет. Немав некоја намера да се запишам на Академијата за драмска уметност, но бидејќи го имав талентот, тоа ќе беше природен след на нештата. Ми рече нема шанси, и во правото можеш да глумиш, ќе станеш адвокат. Мислам дека правилно постапив што го послушав. Тој работеше во време кога се ценеле квалитетот на глумците и немало политика, ургенции. Во Југославија наградите се добивале по заслуга. Имаше право, бидејќи ќе се мачев, а неправда не сакам. Тоа можеби ми е голем проблем и на работа сега. Кога луѓе ми бараат да решам проблем што би било незаконски, за после тоа да слушнам муабети дека сум нефлексибилна и не сакам да помогнам“, вели Сања.

За разлика од порано кога често била дел од театарските случувања, денес нема ни желба ни време да оди.

„Политиката навлезе во сите пори од општеството. Последно што гледав беше претставата на татко ми за пензионирањето“, вели таа.

За следната година посакува најпозитивно да и се случуваат работи на приватен план.

„2018 беше година на професионален план, а за следната сакам најпозитивни работи приватно. Сакам повеќе време да му посветам на семејството, на родителите затоа што заслужиле. Мислам дека се соживуваат со нервозите, проблемите, стрепат за се и сешто и навистина сакам да им го посветам времето“, вели Лукаревска.

Сака патувања, но не се воодушевува на слики и историски знаменитости.

„Имам патувања од каде што немам ниту една слика. Друштвото се смее дека ми е важно да си купам карта, да се сместам, а потоа каде ќе ме носат одам“, додава таа.

Во слободно време сака да чита книги, и да гледа сериски филмови.

„Често пати се шегувам дека од многу контроли и казни, утре ќе немам каде да излезам. Но тоа не ме тангира освен што позицијата ми направи да ја изгубам приватноста. Тоа го чувствувам многу. Друштвата и пријателствата се тие. На оваа позиција се чувствуваат кои се вистинските пријатели, а кои од интерес. Такви сме како нација, а не сум така воспитана и ме повредува“, додава Лукаревска.

Фото: Different Photography

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Што знаеме за новата опасна варијанта на коронавирусот – омикрон, кој има најмногу мутации досега

Редакција

Албанија најави дека ќе ги укине сите царински такси за Косово

Редакција

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска „ги пречека“ новите гуми од НАТО

Редакција