еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Горчлива првомајска честитка за работниците: Нови услови за помош или за отпуштања

Голем број реакции меѓу граѓаните и синдикалните здруженија предизвика денешната најава на Владата за измени на правилата за добивање финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен.

Со образложение дека се подобруваат условите за помош, од Владата најавија дека се воведува поголема флексибилност во условот за одржување на бројот на вработени, можност за комбинирање на мерката со мерката „50% субвенции на придонеси“ за најпогодените сектори и можност помошта да се трансформира во грант – неповратни средства.

Една од новостите е дека малите и микро претпријатија можат да го задржат истиот број на вработени минус 15%, средните до минус 10% и големите до минус 5% од вработените.

Пред промената на овој услов тие беа обврзани да го задржат истиот број на вработени до јули, односно два месеци по користење на мерката.

„Со воведувањето на овие проценти, повторно ќе се спречат отпуштања, но се зголемува опфатот на фирми кои ќе можат да аплицираат за мерката, а со тоа и да продолжат да функционираат. Ова е особено важно за микро и малите претпријатија“, сметаат од Владата.

Од друга страна синдикати и здруженија на граѓани кои се залагаат за правата на работниците во заедничка реакција се спротиставија на изјавата на министерката за финансии Нина Ангеловска за таканареченото олабавување на условите за задржување на бројот на вработени при користење на мерката за субвенции на плати за стопанството.

„Доколку ова се реализира, тоа ќе значи десетици илјади нови невработени во пресрет на очекуваната економска криза и десетици илјади семејства во сиромаштија.

Срамно е Влада која се нарекува социјалдемократска и која треба да се грижи пред сè за сиромашните и работниците да најавува вакви мерки, особено на два дена пред Први мај, Меѓународниот ден на трудот, што го сметаме за непочитување на овој празник и за навреда на работничките и работниците.

Не смее да се заборави дека средствата од кои се финансираат овие мерки доаѓаат од даночните обврзници, односно се пари на сите граѓани на оваа држава, па затоа треба да се трошат за доброто на сите, а не само за доброто на одредени групи моќници“, се вели во заедничката реакција.

Тие побараа одговорност од министерката за финансии и веднаш да запре процесот на измена и дополнување на правилата за добивање помош.

Интересно е што до вчера, токму државните органи бараа работниците во инспекторатите да пријавуваат отпуштања без основа и бараа работодавачите да понесат дел од товарот за кризата.

Факт е дека доколку се спроведе оваа мерка ќе се исполни преупредувањето на синдикатите и дека во Македонија ќе има значително зголемување на стапката на невработени лица.

При тоа, не треба да се заборави дека Владата преќутно ги остави банките да наплаќаат камата за одложено плаќање на кредитните обврски, со што им дозволи да заработуваат на корона-кризата.

Впечаток е дека со ваквите политики наскоро во земјава ќе дојде до презадолженост на голем број граѓани и зголемување на сироматшијата, бидејќи луѓето што ќе останат без работа ќе немаат од каде да ги враќаат зголемените долгови, ниту пак да ги подмират месечните трошоци за основните потреби од храна и за комуналиите.

ПОВРЗАНИ  ВЕСТИ

Сите детали: Нови услови за мерката 14.500 денари субвенции за плати во стопанството

ССМ и се „заблагодарува“ на министерката Ангелова, што во целост ги поддржува и применува мерките од „газдите“

Јовановиќ: Банките ќе профитираат 100 милиони евра од корона вирусот

„Корона-каматите“ треба да се изучуваат како пример за општествена неправда

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Истрага на СЗО: Исклучително неверојатно е Ковид-19 да тргнал од лабораторија во Кина

Редакција

(Видео) Уште девет лица уапсени за сексуалната злоупотреба на малолетничката од Велес

Редакција

Општина Битола склучи договор со Енерџи деливери солушнс вреден 435,7 илјади евра

Редакција