По повод смртта на актерката и поранешна градоначалничка, Билјана Беличанец се огласи и поранешниот премиер, сега бегалец, Никола Груевски на неговиот фејсбук-профил.
„Билјана Беличанец ја познавав како пријатна личност и одличен актер во Драмскиот театар во Скопје, но најмногу ја запознав како градоначалник на општината Кисела Вода.
Беше одличен и исклучително одговорен градоначалник на оваа општина која не располага ни приближно со доволно финасии колку што има реални потреби. Не е лесно човек да води таква општина со толку многу проблеми и очекувања од граѓаните, а со толку малку финасиски ресурси.
Се бореше за општината како за свој дом. Соработувајќи со градот, Владата, странските донатори, компаниите, граѓаните и правилно распоредувајќи ги средствата на општината, со голем ангажман и посветеност, заврши многу проекти за општината и остави свој белег и пример како може во една таква општина со многу проблеми, а малку сопствени приходи успешно да се менаџира.
Билјана имаше чесен приод кон работата, многу внимаваше да не направи грешка, сакаше секому да помогне и излезе во пресрет, да ги исполни дадените ветувања пред граѓаните и да си замине од функцијата со чист образ, како што и се случи.
Не дозволи да и се случи ниту една афера или гаф иако влезе со многу мало искуство на оваа функција. Се грижеше за секој детал и за секој кој и бара некаква помош. Не се колебаше да побара помош за предизвици со кои неможеше самата да се справи и соработуваше со сите во интерес на зацртаните цели за општината и граѓаните. Одлично менаџираше.
Многу чувствителна кон луѓето и со љубов кон работата. Тешко ги примаше неправдите, но се трудеше да не го покаже тоа. Со изразено чувство на одговорност кон обврските, како ретко кој.
Многу внимаваше некого да не повреди, да не создаде болка некому. Не сакаше кандидатура за втор мандат. Чувствуваше замор од преголемиот ангажман. Не се штедеше во работата.
„Сакам само чесно да си го одработам овој мандат и со крената глава и чиста совест да си заминам. За следните избори нека добие шанса некој друг, а дотогаш ќе работам до последениот мој атом“ – беа нејзините зборови уште најмалку една година пред истекот на мандатот кои потоа неколкупати ми ги повтори.
Сакаше и се врати на театарот. Но, за жал не за долго.
Нејзиното прерано заминување освен за нејзините блиски е голема загуба и за сите кои ја познаваа, соработуваа или на било кој начин беа во контакт со неа. Театарската публика загуби исклучително талентиран и искусен актер.
Ќе ја паметиме по добро, бидејќи пред се, Билјана Беличанец беше добар човек.
Почивај во мир Билјана“, пишува Груевски.
Извор: Фејсбук-профил на Груевски
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Од Туфи до Хурем: Која беше Билјана Беличанец
„Најдобрата“: Калиопи, Џамбазов, Зафирчев, Петрушевска… се простуваат од актерката Беличанец
„Почивај во мир Туфи. Спиј мирно Билјана“: Реакции на Твитер за смртта на актерката Беличанец
Актерката Билјана Беличанец, мајка на две деца, мртва ја пронашол нејзиниот сопруг
Фото: Фејсбук/Груевски