еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Како гувернерката Ангеловска-Бежоска го пробиваше својот пат до успешна жена

По повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената, денеска во Министерството за финансии се одржа настан на тема „Таа може се“.

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, заменик министерката Ширет Елези, Олга Панго, уметнички директор на МОБ и Климентина Илијевски, директор на Паблик, пред министерот за финансии Драган Тевдовски и вработените ги споделија своите искуства, со порака дека „жената мора да работи на себе”.

Тевдовски порача дека столбот во јавните финансии го држат жените, потсетувајќи дека две третини од вработените и од раководителите во МФ се жени.

Гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, вели дека Министерството за финансии го чувствува како свој дом, бидејќи своите професионални корени ги создава токму тука.

За нејзиниот пробив вели дека било потребно големо себевложување. Таа била дел од тимот кој работел на воспоставување на клучните реформи кои понатаму ќе претставуваат столб на макроекономската и фискалната стабилност.

Токму тоа искуство и овозможи да стане гувернерка на Народната банка.

– Истражување на Меѓународниот монетарен фонд покажува голема поврзаност меѓу економскиот раст и поголемото учество на жените на раководни позиции во општеството. Воедно колку е поголемо учеството на жените на раководни позиции во централните банки и деловните банки, стабилноста на банкарскиот систем во тие земји е поголем. Ако ја видиме раководната структура во Народната банка, може да заклучиме дека нема потреба од грижа за стабилноста, вели Бежоска.

Заменик министерката за финансии Ширет Елези вели дека жените се деталисти и оттаму е природно дека работата ја извршуваат беспрекорно во сите детали. Како заменик министер за финансии, доаѓа од позицијата министер за локална самоуправа.

Климентина Илијевски, извршен директор на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ и главна и одговорна уредничка на списанието „Лице в лице“, вели дека состојбата на пазарот на трудот во земјава од родов аспект е поразителна.

– Околу 125.000 неактивни жени чиј потенцијал останува заробен. Затоа ни се важни претприемачи/ки со вредности кои што ќе придонесат во локалниот развој и истовремено ќе им овозможат вклучување на пазарот на труд на потешко вработливите лица. Иднината на бизнисот, а тоа е оној бизнис кој ќе одговори на целите за одржлив развој е социјалниот бизнис, вели таа.

За времето кога дошла до идејата да ја формира Асоцијацијата и да издаде улично списание вели дека на многумина истата им изгледала луда и неприфатлива. Но го следела својот сон, не откажувајќи се од својата идеја.

– Пред седум години кога речиси никој во Македонија не знаеше што е уличен печат, ниту пак што е тоа социјално претприемаштво, одлуката да заминеш од постоечката работа и да почнеш нешто толку неизвесно како улично списание, на многумина околу мене им изгледаше луда и неприфатлива.

А јас само си го следев сонот, развивајќи идеја која што ги спојува потребите во општеството со бизнис. И денес сум со едната нога во граѓанскиот сектор, а со другата во бизнис секторот и искрено верувам дека општествата ќе стануваат подобри колку што повеќе имаме бизниси кои што преку своето работење решаваат проблеми обединувајќи ги во едно профитот, планетата и човекот, вели Илијевски.

Вработените на МФ денеска по повод 8 март, имаа можност да ги слушнат искуствата и на Олга Панго, уметнички директор на МОБ, инаку поранешна балерина и кореограф.

– Се борам балетот да застане рамо до рамо до светските куќи. Се бориме да стоиме цврсто, вели таа.

Зад секоја од нив стои грижлив сопруг, кој ги поддржува во секој чекор. Гувернерката порачува дека жената мора да работи на себе, но тука значајна е поддршката од семејството.

– Доколку ја немав поддршката од семејството немаше да можам да го изодам патот, вели таа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Излекуваните од коронавирусот можат да останат носители и преку носот да го шират

Редакција

(Фото) Не донирајте стари и оштетени работи за настраданите од земјотресот во Турција и Сирија

Редакција

Забавата во кујна со децата е непроценливо и поучно искуство

Редакција