На почетокот од 2018 година, програма на државно ниво преку сателит емитуваа ТВ 24 Вести, Наша ТВ, ТВ Сонце, ТВ Сител 3 и ТВ Канал 5 Плус, се наведува во Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2018 година.
“ТВ Сител 3 емитуваше програма само првите два месеци од годината – во февруари 2018 година, поради неисполнување на обврската од член 80 став 5 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, односно поради неплаќање на надоместокот за дозволата во законски утврдениот рок, беше одземена дозволата на оваа телевизија.
Во февруари 2019 година, поради истите причини, Агенцијата ја одзема дозволата и на ТВ Канал 5 Плус, поради што оваа телевизија не достави податоци за своето економско работење во 2018 година, па затоа во Анализата се претставени податоците само на останатите три сателитски телевизии.
Учеството на приходите на овие три телевизии во вкупните приходи на комерцијалните телевизии во 2018 година било 6,81%.
Вкупните приходи коишто во анализираната година ги оствариле ТВ 24 Вести, Наша ТВ и ТВ Сонце изнесувале 92,40 милиони денари, што е за 43,46% повеќе од вкупните приходи кои претходната година ги оствариле заедно четирите сателитски телевизии (наведените три и ТВ Канал 5 Плус).
ТВ 24 Вести остварила 96,30% од тој износ (88,98 милиони денари). Во 2018 година оваа телевизија ги зголемила приходите за 33,30 милиони денари во споредба со 2017 година.
И ТВ Сонце остварила повеќе приходи отколку во претходната година, но далеку помалку отколку ТВ 24 Вести, односно само 0,72 милиони денари повеќе. Наша ТВ ги намалила приходите, и тоа за 4,01 милион денари.
Во структурата на приходите на овие три телевизии доминантно учество имаат приходите од продажба на времето за рекламирање (72,27%).
Речиси во целост вкупните приходи на ТВ Сонце биле од продажба на времето за рекламирање.
Важно е да се посочи дека станува збор за многу ниска сума (0,99 милиони денари) – неколку регионални и локални телевизии оствариле повисоки приходи од реламирање отколку ТВ Сонце.
Наша ТВ по овој основ остварила 2,36 милиони денари (97,52% од вкупните приходи), а најмногу приходи од рекламирање во 2018 година имала ТВ 24 Вести 63,43 милиони денари, што е 27 пати повеќе отколку Наша ТВ и дури 64 пати повеќе отколку ТВ Сонце.
Ставката „останати приходи“ на крајот од анализираната година изнесувала 22,22 милиони денари од кои 22,16 милиони денари биле на ТВ 24 Вести.
Приход од емитувана јавна пропаганда за време на референдумот оствариле сите трите телевизии, а најмногу ТВ 24 Вести (3,33 милиони денари). ТВ Сонце остварила 0,88 милиони денари, а Наша ТВ 0,21 милион денари“, стои во анализата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Лани Телма во минус, Сител, Алсат М, Канал 5 и Алфа во плус
На што и колку пари потрошиле лани телевизиите Телма, Сител, Алфа, Алсат М и Канал 5
Колкави приходи оствариле лани телевизиите Телма, Канал 5, Сител, Алсат М и Алфа