Политиката се враќа на голема врата во Македонија и полека ја засенува пандемијата со коронавирусот.
И покрај тоа што стручните експерти кои ја менаџираат пандемијата треба да го кажат последниот збор, главните политички играчи веќе почнаа да калкулираат со конкретни датуми, па по се изгледа во Македонија летово ќе имаме предвремени парламентарни избори, а прашање е само дали тие ќе бидат во јуни или јули.
За лидерот на СДСМ, Зоран Заев, подобро е тие да се одржат што побрзо, кон средината на јуни, а лидерот на ВМРО, ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пак вели дека тие теоретски најбрзо можат да се одржат во првата половина од јули.
Заев, во интервју за ТВ 24 најави дека на престојната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски следната недела ќе побара веднаш да се оди на избори, ако се олабават мерките за превенција од коронавирусот.
“Дефинитивно она што треба да преовлада е интересот на државата, дали ќе ја ставиме во ризик и да влезе во уставни проблеми од кои нема решение или навистина ќе бидеме одговорни и ќе го прифатиме првиот можен рок, а тоа сметам дека е средината на јуни“, рече во интервјуто Заев.
Уште една причина плус за побрзо одење на избори според Заев е и можниот нов бран на заболени од коронавирусот во септември.
Мицкоски, пак исто така во интервју за ТВ 24, рече дека најпрво треба да се создадат услови за фер и демократски избори, а не за Фејсбук или Твитер избори.
„Ако мене теоретски ме прашувате, како што го слушнав претседателот на ДИК му требале 50-тина дена и ако речеме дека сега претседателот ќе ја прекине вонредната состојба, теоретски зборуваме, тогаш некаде првата половина на јули е најбрзо што може да создадат услови за изборно соочување“, рече Мицкоски.
Како и да е, дали и кога ќе има избори, ќе стане појасно веќе следната недела, по лидерската кај Пендаровски, кој најави дека нема да ја продолжи вонредната состојба.
Доколку летово имаме избори, тоа ќе бидат први во време на пандемија, па истите како што веќе најави министерот за здравство, Венко Филипче, ќе се одржат под посебни услови и протокол.
Друга тема и подеднакво важна е и колку граѓани всушност ќе излезат на избори во вакви услови, што отвара палета на куп други прашања.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Јутарњи“: Парламентарни избори во Хрватска во јули
Избори во Србија во јуни, вонредната состојба ќе биде укината на 6 мај