Македонските граѓани веќе две децении се изложени на сериозна манипулација од страна на најголемите политички партии од условно кажано македонскиот и албанскиот блок кои не бираат средства во борбата за власт и се спососбни националните интереси да ги стават во фиока за да ги реализираат партиските интереси.
Наместо доследно почитување на законите и на вољата на граѓаните тие постојано измислуваат конфликти кои најчесто имаат национален односно етнички карактер и при тоа свесно во залог го ставаат мирот, безбедноста, економскиот напредок и воопшто иднината на земјата.
Охридски договор за да се смират страстите на Албанците, Пржински договор за мирна транзиција од власт во опозиција, Преспански договор за менување на името…заедничко на сите овие политички договори е што се донесени вон институционалната рамка и против постоечките Уставни норми и секогаш со закана за насилство и нарушување на безбедноста на земјата.
По новата криза што се наметнува по референдумот за промена на името и зачленување на земјата во ЕУ и НАТО најверојатно не очекува нова голгота манифестирана преку натегања и преговори околу нови избори, кои на крајот ќе ги платат граѓаните преку буџетот.
Не е попусто што целата деловна заедница во Македонија порачува дека не сака нови избори. На стопанствениците им е јасно дека на тој пат повторно ќе запрат сите активности на државните институции, нема да се носат нови закони, ќе се доцни со исплати од државниот буџет, едноставно земјата и економијата ќе бидат на стенд бај и ништо нема да функционира како што треба.
Маските се одамна паднати, на граѓаните со секој изминат ден им станува јасно дека се жртви на коцкарските хирови на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА и останатите парламентарни партии.
Затоа без оглед на тоа каков ќе биде исходот од новата наметната криза, на сите треба да им биде јасно дека следува период во кој македонските граѓани нема да простуваат, а ваквите фосили од партии кои глумат европски вредности полека но сигурно ќе заминат во историјата.