еМагазин
Image default
ДОБРОСОСЕДСТВО

Министрите од Македонија и Грција на билатерални средби и заедничка седница

По пречекот на премиерот Алексис Ципрас и делегацијата на Владата на Грција, кои престојуваат во нашата земја во еднодневна официјална посета, премиерите Заев и Ципрас се повлекоа на тет-а-тет средба, а министрите на двете влади ги започнаа одделните билатерални средби.

Според програмата на официјалната посета на премиерот Ципрас и на владината делегација на Грција, билатерални средби одржаа ресорните министри за одбрана, заменик-претседателката во Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за одбрана во Владата на Грција, Евангелос Апостолакис. 

Заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи одржа средба со Атанасија Сија Анагнастопулу, алтернативен министер за надворешни работи на Грција.

Заменик претседателот во Владата, задолжен за економски ресори, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши се сретнаа со вицепремиерот и министер за економија и развој во Владата на Грција, Јоанис Драгасакис, и со министерот за животна средина и енергетика, Георгиос Статакис.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски оствари средба со својот колега од грчка страна, министерот за развој на земјоделството и за храна, Ставрос Араховитис.

Заедничка средба имаа и министрите за здравство Венко Филипче и Андреас Ксантос, како и министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, кои остварија средба со заменик министерката за внатрешни работи и за Македонија и Тракија, Елефтерија Хацигеоргиу.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески оствари работна средба со неговиот колега, министер за инфраструктура и транспорт, Кристос Спирцис, а министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и министерот без ресор, задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски имаа заедничка средба со министерот за дигитализација, телекомуникации и медиуми, Николаос Папас.

Одделна средба имаа и заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски и заменикот министерот за надворешни работи, Маркос Боларис.

Во продолжение на денешните активности, двете делегации ја одржуваат првата седница на Високиот Совет за соработка помеѓу двете земји, со која ќе претседаваат претседателот на Владата, Зоран Заев и претседателот на Владата на Грција, Алексис Ципрас.

„На оваа седница министрите од двете влади ќе реферираат за разговорите и заклучоците од нивните одделни меѓусебни средби, по што ќе следи церемонијата на свеченото потпишување на акцискиот план за интензивирање и зголемување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Грција, согласно предвиденото во Спогодбата од Преспа, како и останатите договори и меморандуми за соработка и за реализација на конкретни проекти меѓу двете земји“, велат од Влада.

Заев и Ципрас, во текот на попладнето ќе ја поздрават работата на бизнис-форумот на кој за потенцијалите и за идната соработка меѓу двете земји ќе разговараат претставници на повеќе од 400 компании од Грција и Македонија.

Претседателот на Владата на Грција и владината делегација на оваа земја ќе заминат со специјален лет од Аеродром во Скопје во вечерните часови.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Партнерката на Ципрас во Скопје ќе има посебна програма со Зорица Заева

Што пишуваат грчките медиуми за посетата на Ципрас

Зошто Димитров не го пречека Ципрас пред Влада

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Албанскиот претседател Мета го потпиша договорот за заеднички гранични контроли со Македонија

Редакција

Филипче: Бугарија ќе ни донира вакцини против Ковид-19

Редакција

20 вредни икони кои им припаѓаат на македонските цркви, ќе бидат вратени од Албанија

Редакција