Надоместоците кои ги земале јавните обвинители вработени во Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и сите нивни соработници ќе бидат предмет на ревизија од страна на Државниот завод за ревизија, најави денеска главниот државен ревизор, Максим Ацевски.
На ревизијата ќе работи тим од тројца ревизори од 1 февруари 2020 година. Направени се неколку состаноци со Јавното обвинителство, посочи Ацевски, и почитувајќи го интересот на граѓаните и сите засегнати страни одлучивме да направиме ревизија на надоместоците.
– Од 1 февруари 2020 година започнување со работа. Направивме неколку координативни состаноци со претставници на Јавното обвинителство за преземање на целокупната документација. Се работи за документација што има одредена ознака на „класифицирани информации“ и мора да се создадат услови за нивно соодветно чување во нашите простории. Утврден е ревизорскиот тим и ставен е во годишната програма за работа и по завршување на ревизијата ќе бидете соодветно известени, изјави Ацевски.
Прашан што ќе биде предмет на ревидирање, Ацевски, рече дека ќе се проверуваат само надоместоците.
– Јавното обвинителство настапи со конкретно барање. Во суштина бараше да се изврши ревизија на сите надоместоци кои се исплатени на вработените во СЈО и на нивните соработници. Почитувајќи го нивното барање ние постапивме и затоа тоа ќе биде дел на ревизија, изјави Ацевски.
МИА