Лидерите на политичките партии кои вечерва беа на средба кај претседателот Стево Пендаровски стојат зад идејата државата што поскоро да ги почне пристапните преговори со Европската унија.
Пендаровски по завршувањето на првиот дел од состанокот пред медиумите изјави дека сите присутни политички партии се согласни дека државата треба што поскоро да ги почне и да ги зварши пристапните преговори со Европската унија.
– Имаме јасен државен консензус од релевантните политички лидери во нашата земја дека стојат зад идејата Република Северна Македонија што е можно поскоро да ги почне тие преговори и што е можно поскоро да ги заврши преговорите и да стане полноправна членка.
Сите присутни на средбата се согласни дека немаме проблем со евентуална нова и подобрена методологија за водење на пристапните преговори. Сите присутни на средбата рекоа дека немаат проблем ако новата методологија подразбира реверзибилност на процесот, значи едно поглавје кога ќе го затворите, ако трендовите во таа област се негативни, слободно може да не вратат назад, па дури и на самиот почеток од процесот.
Немаме од што да се плашиме, тоа е во наш интерес и во интерес на нашите граѓани, изјави Пендаровски.
Тој потенцира дека сите лидери присутни на средбата рекле „не“ на какви било алтернативи на полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ и се обврзале независно кој и да е на власт или во опозиција дека ќе работат за побрзо приклучување на земјата во Унијата.
– Сите присутни на состанокот рекоа „не“ за какви било евентуални алтернативи на процесот на приклучување и конечно полноправно членство. Досега никој тоа не ни го нуди, меѓутоа на маргините на дебата која сите ја следевме, која се водеше во Брисел и во Луксембург, постоеја и некои поинакви размислувања дека можеби ние треба да бидеме ставени во категоријата на соседство, што е сосема друга категорија во односот ЕУ и ние.
Ние сме дел од Европа и според базичните документи, според основачките документи на ЕУ, ние имаме право да бидеме членка на ЕУ еден ден кога ќе ги задоволиме критериумите затоа што базичните документи од 1957 година велат секоја држава на Континентот може да аплицира и да стане членка на таа организација. Ние не бараме никаква алтернатива на овој формат, на ова придружување – само како полноправна членка на таа организација, рече Пендаровски.
Тој потсети дека државата три пати се наоѓала во слична ситуација – еднаш во 1991 година кога беше донесена Лисабонската декларација, потоа во 2008 година во Букурешт и сега кога се донесени, како што рече, крајно неповолните заклучоци на Европскиот совет.
Во однос на изборите, претседателот Пендаровски рече дека не е негова надлежност да кажува дали треба да има избори, но оти треба да се внимава да не се доведеме во ситуација да не можеме од технички причини од наша страна да го ратификуваме Протколот за членство во НАТО.
Фото: Кабинет на претседателот