Лидерите на политичките партии на средбата кај претседателот Стево Пендаровски се договорија предвремени парламентарни избори да бидат организирани на 12 април следната година.
Сто дена пред изборите како што е предвидено со Договорот од Пржино, од јуни 2015 година, ќе биде избрана техничка влада и технички премиер.
Пржинскиот договор беше потпишан од лидерите на тогашните четири најголеми партии во Македонија, Никола Груевски – ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев – СДСМ, Али Ахмети – ДУИ и Мендух Тачи – ДПА.
Заклучоците од овој договор подоцна добија законска рамка со измени и дополнување на Законот за Влада, кои беа усвоени минатата година.
Кои министерствата ќе ги води ВМРО-ДПМНЕ
По потпишувањето на Договорот од Пржино, СДСМ која тогаш беше во опозиција ги доби министерските места во Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика.
Министри од СДСМ станаа Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, кој и моментално е на оваа функција и Фросина Ременски, министерка за труд и социјални работи, која моментално е потпреседателка на Собранието и пратеничка и е осомничена за случајот „Рекет“.
СДСМ ги доби и заменичките места во Министерството за финансии, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за информатичко општество.
Истите позиции овој пат ќе ги добие опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Привремената влада има мандат до изборите
Техничката влада ќе има мандат до одржувањето на предвремените парламентарни избори, односно избраните министри и заменици-министри ќе останат на таа функција до конечното објавување на изборните резултати од страна на Државната изборна комисија (ДИК).
Глава задача на техничката влада е да ги организира изборите.
Последното искуство покажа многу нефункционалност, но на крај беа спроведени фер и демократски избори.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Заев си оди, кој ќе биде новиот технички премиер?
Предвремени парламентарни избори: Го чека ли и Заев истата судбина како на Ципрас
(ВИДЕО) Кој од коалционите партнери на СДСМ дојде на средба кај Заев