Постои ли заладување на односите меѓу СДСМ и ДУИ по ратификацијата на Преспанскиот договор и почетокот на имплементацијата на Законот за употреба на јазиците е прашање што се погласно се поставува во јавноста, а посебно откако ДУИ соопшти дека со свој кандидат ќе настапи на претстојните претседателски избори.
Со тоа паднаа во вода најавите за консензуален кандидат кој ќе биде прифатлив за двете партии.
Освен за претседателскиот кандидат, кај двете партии се чини дека во последно време се почести се несогласувањата отколку заедничките ставови по различни прашања.
Така, Бујар Османи и Радмила Шекеринска, двајцата вицепремиери во Владата излегоа со различни ставови околу прашањето дали имало злоупотреба на парите на осигурениците во ПИОМ со последната афера во која се обзнани дека на 12.000 лица не им биле префрлани придонесите во вториот столб. Според Османи станува збор за административен проблем, додека според Шекеринска за злоупотреба.
Османи имаше различен став и со премиерот Зоран Заев во однос на прашањето дали Законот за употреба на јазиците треба да се испрати на увид во Венецијанската комисија.
ДУИ и СДСМ имаа различни ставови и во однос на формирањето на војската на Косово. Додека Али Ахмети во воена униформа го славаше формирањето на косовските вооружени сили, Заев застана на страната на НАТО и ЕУ кои сметаа дека е избрзано ваквото решение.
Исто така, ДУИ беше категорична против одржување парламентарни со претседателските избори, додека во СДСМ не ја отфрлија оваа можност.
Не треба да се заборави дека Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори истраги против Османи и Ахмети, кај првиот за набавки, а кај вториот за пописот од чиј исход и тоа како ќе зависи иднината на владината коалиција.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ДУИ на претседателските избори оди со свој кандидат
Фото: Влада