На свеченоста на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина (МАИВП), на која беа доделени лиценците на првите дваесет водичи во планина од Македонија, кои се обучени според меѓународниот стандард International Mountain Leader, присуствуваше и претседателот на Меѓународната унија на професионални водичи во планина (УИМЛА), Иан Спаре.
Тој кој го искажа задоволството дека присуствува на еден од најдобро организираните настани за време на неговиот мандат и за време на свеченоста им ги врачи лиценците на луѓето кои многу придонесуваат за развој на професијата планински водич според светски стандарди.
Претседателот уште еднаш повтори дека стандардите по кои што работи МАИВП се апсолутно високи и целосно ги задоволуваат меѓународните критериуми.
Во интервју за „еМагазин“ го изрази своето воодушевување од тоа што државата стана полноправна членка на европското друштво на професионални водичи во планина во ноември лани.
„Импресивно е да се каже добредојде на нова земја во друштвото на УИМЛА. Фантастично е да се биде овде кога планинските водичи си ги добија лиценците и ги стартуваат нивните професионални кариери. Без сомнение ова е најдобриот момент во мојата кариера како претседател на УИМЛА“, вели Спаре.
Тоа што Македонија е рамноправна членка на УИМЛА значи дека ги следи истите професионални стандарди како и другите 18 земји кои веќе се членки како Швајцарија, Италија, Полска, Германија и е во друштвото на 4.000 професионалци.
„Кога клиентите ќе ја посетат државата, може да очекуваат висок квалитет, безбедност, услуга. Но не се работи само за технички и вештини на планина со опрема туку се работи за страста, ентузијазмот но и се она што ќе им се остави на следните генерации“, објаснува Спаре
Тој за работата на Македонската асоцијацијата на интернационални водичи во планина даде високи оценки.
„Во процесот на обуки работат многу и имаат високи стандарди. Успеваат да ги учат лидерите на тоа што значи да се биде професионален и се трудат да ја зголемат нивната и репутацијата на организацијата. Во однос на безбедноста на планина, најважно е планирањето што подразбира, да планираме што може да не очекува, какви се перформансите на групата, бидејќи времето се менува, а и условите на терен. Времето секако е ризик но менаџирањето овозможува поголема безбедност на групата и повеќе забава“, вели Спаре.
Тој додаде дека е одлично што имал можност да дојде, бидејќи бара нови места за посета, нови искуства каде што може да се види културата, историјата на местото.
„Доживеав големо гостопримство, уживав во храната и виното би сакала да се вратам на зима кога има снег“, додава Спаре.
За време на престојот Спаре оствари средби со водичите во планина, со туристичките субјекти и со преставници на државните институции од Македонија, Косово, Црна Гора и Албанија.
Ова е прва посета на претседател на УИМЛА во Македонија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МАИВП: Без денар од државата отворија работни места, си го остварија сонот и влегоа во Европа