Голем број реакции на социјалните мрежи предизвика фотографијата што ја објави македонскиот претседател Стево Пендаровски на која се гледа како израелскиот амбасадор Дан Орјан прави „стој на раце“ во неговиот кабинет.
Невообичаената сцена предизвика различни коментари, а пред се зачудување од покажувањето на физичката подготвеност на Израелецот.
Орјан објасни дека на средбата со Пендаровски меѓудругото зборувале за инцијативата „Скокајќи заедно“, која има за цел да даде поддршка на поголема вклученост на лицата со попреченост во општеството.
Тој додаде дека знае дека не станува збор за традиционална дипломатија, но и дека ако мора да стои на раце за да ја промовира идејата за вклучување и партнерството со луѓето со попреченост е подготвен да го направи тоа повторно.
Се чини дека од неговата изјава многу можат да научат македонските политичари. На страна впечатокот дека многумина од нив додека се на функција ги зголемуваат мевовите, упорноста што ја демонстрира Орјан е карактеристика која дефинитивно недостига во македонската политика, а посебно за благородни и повисоки цели.
Досегашните искуства кај нас покажуваат дека политичарите се единствено упорни во давање лажни ветувања и омаловажување на противниците без да водат сметка за националните интереси и добробитта на граѓаните.
Крајно време е владејачките гарнитури да го прекинат маѓепсаниот круг од кој никако да излезе нашата држава и да застанат цврсто на земја, со опозицијата да најдат начин за компромиси и да бидат упорни во брзо и ефикасно решавање на меѓусебните недразбирања.
Време е наместо да мислат на стомаците, власта и опозицијата да се фатат за работа и да ги баталат тесно-партиските интереси за да се посветат на остварување на националните.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Мега галерија) Израелскиот амбасадор Орјан навистина скока и прави „стој на раце“ каде ќе стигне
Израелскиот амбасадор направи „стој на раце„ во кабинетот на Пендаровски
Фото:Фејсбук/Стево Пендаровски