Се разгорува акционерската битка околу зголемување на моќта во одлучувањето во Стопанска банка Битола откако банката објави повик за номинирање на нов член на Надзорниот одбор.
„Бест веј инвестмент“, „Чеза комерц“ и Симеон Павлов за престојното Собрание на акционери на Стопанска банка Битола закажано за 27 ноември, годинава вчера предложија член на Надзорниот одбор на банката да стане скопјанецот Стефан Степаноски.
Тие преку Македонската берза соопштија дека предлогот го даваат како акционери во банката, а согласно Законот за трговски друштва. „Бест веј инвестмент“ поседува 3,85 отсто од вкупниот број акции, „Чеза комерц“ поседува 2,66 отсто, а Павлов 1,79 отсто од вкупниот број издадени акции.
Претходно, рускиот бизнисмен Сергеј Самсонненко и транспортната компанија „Руле турс“ преку Македонската берза соопштија дека ја номинираат Гордана Темелковска Костовска за член на Надзорниот одбор на Стопнска банка Битола.
Самсоненко поседува 19.500 акции од банката односно 4,98 отсто од вкупниот број акции, а „Руле турс“ поседува 15.966 акции односно 4,08 отсто од сопственоста во банката. Во дописот до берзата тие објаснуваат дека го користат нивното право како акционери согласно Законот за трговски друштва да номинираат свој кандидат.
Интересно е што оваа „битка“ ги откри имињата на акионерите во банката кои поседуваат помалку од пет отсто од акциите, а кои очигледно имаат свои визии и сакаат да имаат влијанија во работењето на Стопанска банка Битола.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владимир Ефтимоски ја зголеми сопственоста во Стопанска банка Битола на 16.501 акција
Илија Тозија од лични причини не сака да биде член на Надзорниот одбор на Стопанска банка Битола
Миле Зечевиќ, советникот на Заев влезе во Надзорниот одбор на Стопанска банка Битола