Министерката за правда Рената Дескоска денеска изјави дека доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство за Предлог-зкаонот за јавно обвинителство, тогаш во опција се други решенија, а едно од нив се измени во Законот за советот на јавни обвинители кој се носи со 61 глас.
Во изјава за медиумите дадена по изгласувањето на потребата од донесување на овој закон по скратена постапка, Дескоска повтори дека главен камен на сопнување меѓу власта и опозицијата останува статусот на предметите шти ги води Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
– Клучната разлика останува околу ефикасното завршување на судските постапки кои се почнати од Специјалното јавно обвинителство. За жал, преовладува мислењето и впечатокот дека на ВМРО-ДПМНЕ му е поважно да ги спасат оние кои се обвинети во постапките од СЈО, отколку да овозможат ефикасно водење на судските постапки и со тоа обезбедување на отворање на преговори за пристап кон Европската унија, изјави Дескоска.
Изрази надеж дека во следниот период кога ќе бидат доставени амандманите од ВМРО-ДПМНЕ, ќе може да седнат и заеднички да разговараат. Таа се надева дека 80 пратеници ќе смогнат сила да дадат поддршка на овој закон со кој се решава и судбината на СЈО.
Таа ги отфрли обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ која денеска побара оставка од неа, бидејќи во нејзиниот мандат има најголем политички и судски скандал.
Инаку, денеска на собраниската седница со 57 гласа „за“ беше изгласано Предлог-законот за јавно обвинителство да се носи по скратена постапка. За ова не гласаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Сега, расправата за овој закон се префрла во собраниската Комисија за европски прашања како матично тело, бидејќи законот се носи со европско знаменце.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Партиите една година без договор за иднината на СЈО, погодете зошто
Европската комисија за СЈО: Веруваме во институции, не во личности
Законот за иднината на СЈО за кој се уште нема договор од денеска во собраниска процедура