Од Министерството за внатрешни работи најостро демантираат дека за безбедноста на бугарските граѓани кои утре ќе дојдат за чествувањето на роденденот на Гоце Делчев ќе се грижат и бугарски полицајци.
-Станува збор за комплетна дезинформација и извртување на факти, имајќи ги предвид соопштенијата кои деновиве, во пресрет на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев ги сподели МВР со јавноста, како и неколкуте медиумски гостувања на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, токму на оваа тема, велат од МВР.
Од таму посочуваат дека македонската полиција постапува самостојно, по претходно изготвен оперативен план и е подготвена во целост, не само за овој настан, туку за сите настани, не само за оваа пригода, туку за сите пригоди, во било какви услови – да направи сѐ за да ги сочува мирот и стабилноста на државата и граѓаните.
Од МВР велат и дека со изнесување на вакви дезиформации во медиумите се доведуваат во заблуда граѓаните и тоа не помога во достоинствено одбележување на роденденот на великанот Делчев, што подразбира ангажирано и одговорно пренесување на проверени информации, а не одработување за нечии деструктивни влијанија со пласирање лаги кои имаат за цел само да наштетат не само на работењето на полицијата како гарант на редот, безбедноста и владеењето на законите, туку и на угледот на државата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Од денеска до сабота затворени улиците околу гробот на Гоце Делчев