Четворица пациенти ја загубија битката со коронавирусот во штипскиот ковид центар.
Портпаролот на Клиничка болница-Штип, Марина Шуманска информира дека двајца од пациентите се од Радовиш на возраст од 72 и 73 години, а другите двајца од Штип на возраст од 78 и 79 години.
Пациентите имале и други здравствени проблеми, а тројца од нив биле и невакцинирани.
Инфектолозите велат дека есенскиот бран на делта сојот е карактеристичен што пациентите им доаѓаат во исклучително тешка состојба и веднаш се ставаат на постојана кислородна поддршка.
Во моментов зависни од кислород се 44 пациенти, а во Инфективното и Кожно одделение има слободни по четири болнички кревети.
Само за пет дена во ковид – центарот битката ја загубија 13 пациенти, додека во рок од две недели вкупно 20, а 80 отсто од починатите се на возраст од над 60 години и се од речиси сите градови во Брегалничкиот регион.
Во штипскиот вакцинален пункт за четири дена со прва доза се вакцинирале вкупно 135 граѓани.
Координаторката на вакциналниот пункт, Дијана Коцева-Миланова за МИА вели дека интересот за вакцинација е поголем кај граѓаните, кои ја примаат третата доза.
-Станува збор за повозрасни пациенти, кои имаат примено две дози од кинеските вакцини, но имаме и интерес за бустер дозата и од здравствените работници и вработените во училиштата и градинките, вели Коцева-Миланова.
Забележува дека штипскиот регион е над државниот просек, досега со две дози се имунизирани над 35.000 граѓани, а трета доза имаат примено над 3.300 граѓани.
МИА/Фото: МЗ