За Бугарската академија на науките (БАН), македонскиот јазик не постои, туку тој е наречје на бугарскиот, стои во соопштението на БАН, кое следи по објавувањето на „Повелбата за македонскиот јазик” на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од 3. декември.
Според БАН официјалниот јазик во Македонија е писмено-регионална норма на бугарскиот јазик.
„Во Повелбата се конструирани историски и јазични аргументи во одбрана на официјалниот литературен јазик на Република Северна Македонија како посебен, независен јазик со континуитет и генеалогија, дефиниран во Скопје како ‘македонски’. Документот предизвика многу сериозни научни забелешки”, стои во соопштението.
Раководството на БАН по Повелбата на МАНУ побарало мислење од три институти и за нив дискутирало на седницата во Софија. Заклучокот за македонскиот јазик произлегол од мислењата на Институтот за бугарски јазик, Кирило-методиевскиот научен центар, Институтот за научни истражувања и на академици.
„На седницата на 11 декември 2019 година, Собранието на академици и придружните членови дискутираше за Повелбата на МАНУ и добиените мислења од институтите на БАН.
Ставовите на членовите на Собранието беа едногласни и категорични во одбрана на научните вистини и факти во однос на потеклото, историјата и карактерот на официјалниот јазик во Република Северна Македонија, кои во наведената Повелба беа претставени некоректно и со замена на научната терминологија.
Бугарската академија на науките смета дека ставот на Собранието на МАНУ е неточен и неприфатлив, штетен за односите меѓу двете соседни земји”, стои во соопштението.
Во прилог на соопштението се прикачени и ставовите на институциите и академици кои ги консултирала БАН.
Во мислењето на Институтот за бугарски јазик, стои дека континуитетот на т.н. македонски јазик всушност е континуитет на бугарскиот јазик, дека фактот што „македонскиот јазик се изучува на голем број странски универзитети се должи на државната политика на РСМ за целисходно субвенционирање на лекторатите во странство”, како и дека „претставувањето на бугарските книжевници и дејци Марко Цепенков, Кузман Шапкарев, Григор Прличев, Браќата Миладиновци и други како македонски е извртување на историската и научната вистина”.
Според Кирило-методиевскиот научен центар, пак, Повелбата на МАНУ е обид да се прекине врската на современиот официјален јазик на Република Северна Македонија со неговите бугарски корени и производ на манипулацијата со историските факти и прикривање на вистината.
„Современиот официјален јазик на РСМ е резултат на политички причини, а не на лингвистички развој и претставува регионална бугарска литературна норма, создадена на база на бугарски дијалекти од Македонија и кодифицирана со решение од мај 1945 година”, велат од таму.
И Институтот за историски истражувања во своето мислење го користи терминот т.н. македонски јазик и посочува дека истиот е воспоставен во 1944-1945 година врз база на неколку месни дијалекти за кои се сметало дека се географски доволно оддалечени од Бугарија, па според тоа и доволно далеку од бугарскиот литературен јазик.
Фото: МАНУ