Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, која во своите изјави често користи полувистини или целосни лаги (кои можат да и пројдат во Бугарија и на никое друго место) и која неодамна се „прослави“ со споредбата на Тито со Хитлер, па во бугарски медиум влезе во најтесниот избор за „тиква на годината“ е загрижена за 88.450 граѓани на Македонија, кои добиле бугарско државјанство врз основа на нивното потекло.
„Во изминатите десет години 88.450 Северномакедонци добија бугарско државјанство врз основа на нивното потекло. Тие се бугарски и европски државјани. Тие имаат право на самоопределување“, рече таа за бугарските медиуми.
Арно ама не кажа колку Македонци зеле бугарски пасош пред Бугарија поради политичка одлука, а не поради фактот дека ги исполнила барањата стана членка на Европската Унија (ЕУ), што е и суштината на целата работа. Школски пример за извртување на вистината.
Јавна тајна е во Македонија, но и во Бугарија и во ЕУ, дека најголемиот дел од овие граѓани, а можеби и сите (еве нека истражи Захариева, иако математиката баш и не оди) земаа, односно си купија бугарски пасош, повикувајќи се на некакви бугарски корени за да можат да работат низ ЕУ.
Да не влезеше Бугарија во ЕУ никој немаше да троши пари за да купува бугарски пасош.
Никој не вели дека во Македонија не живеат Бугари, тоа е сосема нормално, ако се има предвид дека Бугарија ни е соседна земја, но бројката е далеку помала од тоа која ја посакува Захариева.
Захариева заборави и да го спомне мега скандалот со бугарските пасоши кој не се случи пред 100 години, туку пред само две години, афера која ја извадија на површина бугарските институции.
Имено во ноември 2018 година тамошната јавност дозна дека за пари се продавале бугарски пасоши на лица кои немаат никакви бугарски корени. Скандалот беше топ тема и во македонските медиуми, но и во европските, кои пишуваа и за наводна нејзина инволвираност, како и на нејзиниот колега, бугарскиот министер за одбрана и вицепремиер, Красимир Каракачанов.
Како што објавија тогаш бугарските медиуми, поединци плаќале меѓу 300 и 500 евра за побрзо издавање на документи. Апликантите се делеле врз основа на тоа од која земја доаѓаат и дали има основа од таа земја да бидат издавани документи со бугарско потекло, дали се со муслимански или христијански имиња.
За добивање на сертификат за бугарско потекло на лице од Македонија тарифата изнесувала 1.000 евра, а за човек од Косово цената изнесувала од 3.000 до 5.000 евра.
Неколку илјади Македонци станале бугарски државјани без бугарски корени, откри аферата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Како Македонци, Косовари, Молдавци, Албанци, Арапи без бугарски корени си купија бугарски пасош
Доколку Захариева не верува во оваа и покрај фактот што позади оваа стојат институции од нејзината земја, нека ги повика на конкретна лојалност кон државата Бугарија, па ќе види колку од овие лица од Македонија ќе се јават за доброто на Бугарија.
Да не ги заборави и бројните Косовари, Молдавци, Албанци, Арапи… кои исто така си купија бугарски пасош повикувајќи се на бугарски корени. Нека ги повика и нив.
Ви текнува каква паника имаше пред неколку години, кога низ медиумите се рашири информацијата дека Македонците кои си купиле бугарски пасош ќе треба да служат војска во Бугарија? Сите беа подготвени веднаш да ги фрлат истите.
Нека проба Захариева, па сите да бидеме на чисто.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
На Твитер ја „подбраа“ Захариева за Тито и Хитлер
Која е Екатерина Захариева, што пишува во биографијата на бугарската министерка за надворешни работи
Фото: МИА