Во Кривичниот суд за денеска закажани се завршни зборови за предметот „Тенк“ во кој се води одвоена постапка против обвинетата поранешна министерка Гордана Јанкулоска, како и за „Тотал“, „Тортура“ и „Тарифа“.
Судењето за Јанкулоска почна на крајот на август годинава, откако обвинетата се породи. Нејзе и се суди посебно откако Судот го прифати барањето на адвокатите за лекарското боледување поради нејзината бременост.
Јанкулоска е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување како поттикнувач. Како што е наведено во обвинителниот акт, Јанкулоска за да го исполни барањето на Никола Груевски, со умисла го поттикнала обвинетиот Ѓоко Поповски да стори кривично дело.
Во „Тенк“ веќе се осудени поранешниот премиер Никола Груевски на две години казна затвор и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски на 6,6 години затвор.
Апелацискиот суд Скопје одржа јавна седница по жалбите за првостепената пресуда за Груевски и Поповски, но одлука се уште не е донесена.
За денеска закажано е рочиште и за предметот „Тотал“ на СЈО, во кој е обвинет новинарот Драган Павловиќ-Латас за затајување на данок во висина од 121.414 евра преку правните лица „Тотал“ маркетинг” ДООЕЛ, „Тотал“ медија центар и „Медијамакс” и 63.032 евра како физичко лице.
Последното рочиште за овој предмет беше осложено поради настаната промена на сопственичката структура на правното лице „Медијамакс“, кое заедно со новинарот Драган Павловиќ Латас и правните лица „Тотал маркетинг“ и „Тотал медиа центар“ се теретат за затајување на данок.
Во Кривичен денеска закажано е рочиштето и за предметот „Тортура“, во кој се обвинети поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски – Пуки и уште петтмина припадници на единицата.
Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.
На обвинителна клупа денеска треба да седнат и поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште две други лица, кои се обвинети во случајот „Тарифа“. Станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.
МИА