Професор Дејан Трајковски во неговиот најнов пост на Фејсбук ја анализира смртноста од Ковид-19, врз основа на податоци од Институт за јавно здравје (ИЈЗ), кои се однесуваат за лицата кои биле згрижени во болница, и оние кои таму починале.
„Гледам, читам, тријам очи, не ми се верува, пак читам… Нема сомневање, стапката на болнички леталитет од Ковид-19 во македонските болници изнесува 43,45%.
Ќе користиме исклучиво официјални податоци од ИЈЗ Скопје (iph.mk), според кои од почетокот на епидемијата до 18.07.2021. година во македонските болници влегле вкупно 11.851 лица за лекување од Ковид-19.
Од овој број на хоспитализирани испишани се како оздравени 6.669 лица, починале во болнички услови 5.150 лица, а моментално има активно хоспитализирани 32 лица.
Според тоа, од сите коишто влегле во болниците починале 5.150 /11.851 = 43,45%, колку што изнесува стапката на болнички леталитет од Ковид-19 во македонските болници. Со други зборови, умреле безмалку половина од хоспитализираните.
Да се потсетиме, целосно вакцинирано лице го намалува ризикот од хоспитализација за најмалку 90%, колку што изнесува ефективноста на разните видови вакцини против тешка форма на болеста и хоспитализација.
Затоа, секој што има реален поглед на епидемијата од Ковид-19, сериозно ја сфаќа вакцинацијата. На тие што ќе избегнат хоспитализација не се применува стапката на болнички леталитет од 43,45%, туку стапката 0,22% (337/150.223 = 0,22%).
Оваа стапка е многу блиску до стапката на леталитет од Ковид-19 во Велика Британија, откако вакцинирале голем дел од населението годинава (пресметката ја видовме вчера).
Дополнување: за време на главните врвови на епидемијата стапката на хоспитализираност опадна дури под 8%, што значи дека во болница се примале само тешките и многу тешките случаи. Кај нив стапката на леталитет била уште повисока, поради што просечната стапка достигнала 43,45%.
Доколку имало повеќе места во болниците и се лекувале и полесните случаи, стапката сигурно не би била толку висока,“ пишува тој на Фејсбук.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Проф.Трајковски: „Со вакцините, ризикот од смрт од Ковид-19 се намалува за цели 18 пати“
Фото: Фејсбук/Трајковски