Премиерот Зоран Заев, во врска со пребегувањето на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија, изјави дека Министерството за внатрешни работи постапувало согласно наредбата од Судот и во рамки на законските овластувања.
– Без наредба, МВР не може ниту мене, ниту на кој било граѓанин да му пристапи. Неколку дена претходно Груевски беше на иста Уставната комисија каде бев и јас во Парламентот. Ова го кажувам не затоа што не требало да бидеме поподготвени и повнимателни, туку затоа што тоа испраќа и сериозна порака дека не треба да правиме ништо повеќе од тоа што го пропишува законот. Од тој аспект, строго е постапено согласно законот на еден внимателен и демократски начин – рече Заев на новинарско прашање на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот на Малта, Џозеф Мускат, во врска со одговорноста на МВР за пребегувањето на Груевски
За проверката на возилата што излегувале од штабот на ВМРО-ДПМНЕ од страна на полицијата, рече дека е согласно наредба од полицијата за националната потерница за Груевски и негово спроведување за издржување на двегодишната затворска казна.
– Немаше налог за влез во политичка партија, ниту некој имаше намера за тоа. Исклучиво се постапувало согласно наредбите. Ние сме земја која има намера да биде членка на ЕУ и без разлика какви се чувствата, тоа не ни дава за право да ги кршиме законите посебно не од страна на институциите затоа што исклучиво постапување по закон е нешто што се очекува од сите институции и од сите граѓани во Македонија – рече Заев.
Тој додаде дека очекува Унгарија да постапи по веќе распишана меѓународна потерница со која бара екстрадиција на Груевски.
– Очекуваме од Унгарија да биде пример, дека нема да штити криминалци кои направиле штета врз граѓаните на Република Македонија. Каква би била мотивацијата на нас земјите кандидати ако една земја членка на ЕУ биде засолниште на криминалци и не ја почитува меѓународната пракса, меѓународното право, рече Заев.
МИА/Фото: Влада
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Судбината на Груевски во рацете на „лошото момче“ Виктор Орбан
Ќе паднат ли оставки за бегството на Груевски?
Фарса не векот: Ќе ни остане ли за спомен од Груевски потерницата на МВР?
Министерството за правда ја комплетира документацијата за екстрадиција на Груевски