Како да е сценарио од британскиот „Монти Пајтон“ звучат секојдневните вести, но и лапсуси на надлежните органи со приведувањето и спроведувањето на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески на многубројните судски рочишта.
Не може да се донесе поинаков заклучок по повторното одложување на судењето за случајот на Специјалното јавно обвинителство „Насилство во Општина Центар“ поради неприсуство на поранешниот министер за транспорт и врски.
Имено, Основниот суд Скопје 1 издал налог Јанакиески полицијата да го доведе на вчерашното рочиште од неговиот дом, а тој како што е познато од пред неколку дена е во притвор во Истражниот затвор “Скопје“ во Шуто оризари, кој го доби од истиот суд.
Ова не е прв пат државните и судските органи самите да бидат причина за одложување на судските рочишта. Судењето за овој случај претходно неколку пати беше одложувано, бидејќи судии закажувале рочишта за различни случаи против екс министерот Јанакиески во ист термин.
Ваквата практика го наметнува прашањето дали воопшто постои комуникација меѓу судиите, органите на спровод и останатите надлежни институции и дали тие се свесни дека и овој непрофесионален начин на работа е причина за лошите оценки за судството што ги добиваме од ЕУ и останатите меѓународни организации.
Како тргнала работата со судските рочишта за Јанакиески се повеќе се добива впечаток дека одредени структури од власта намерно не сакаат да има епилог по обвинувањата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Колку за потсетување, случајот „Насилство во општина Центар“ е еден од првите за кои обвинение покрена СЈО уште во септември, 2016 година.
Тоа значи дека во септември, годинава ќе изминат точно 3 години откако е почната правната постапка за случајот во кој екс премиерот Никола Груевски од својот омилен министер Јанакиески нарачува да му се удрат шамари на тогашниот градоначалник на општината Андреј Жерновски.
Поради ваквата неажурност, станува се поизвесно дека додека има судска разврска за случаите што ги покрена СЈО ќе дојде до промена на владејачките структури во земјава и дека ВИП-обвинетите ќе куртулат од издржување на затворските казни.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Фејсбук/Јанакиески