Последниве денови драстично почна да расте бројот на заразени со корона вирусот во тетовскиот регион.
Вчера во овој регион беа регистрирани 10 нови случаи, со што вкупниот број на заразени со вирусот порасна на 161, од кој активни се 73, покажуваат податоците на Министерството за здравство.
“Во Тетово луѓето се релаксирани, граѓаните не ги почитуваат и не се придржуваат до мерките и препораките дадени од Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Не се почитува социјалната дистанца и носењето маски“, велат од Министерството за здравство на прашањето на еМагазин на што се должи растот на заболени во овој регион, кој има потенцијал да биде новото жариште во Македонија.
Од таму велат дека само тројца од новозаболените имале контакт со потврден случај, од кои двајца биле во изолација, а останатите 7 се нови случаи.
Од новозаболените 7 се од Општина Тетово, двајца се од Општина Теарце, а 1 лице од Општина Брвеница.
Од Центарот за јавно здравје во Тетово вчера посочија дека собирањето на луѓето во групи и непридржувањето до мерките во тетовскиот регион е причината за зголемувањето на бројката на заболени со Ковид-19, но и создавањето на нови кластери.
Во овој регион сега има три нови кластери, а вкупната бројка претходно беше околу 25 кластери.
Во Општините Тетово со селата и Општината Боговиње со селата се најголемиот број од случаите.
Според податоци на ИЈЗ, бројот на починати во овој регион е 14.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Два фамилијарни кластери го зголемија бројот на заразени со корона вирусот во Скопје
Прилепчанецот што почина од корона вирусот имал контакт со потврден случај
9 во Аеродром, 6 во Чаир, 4 во Сарај, детали за новозаразените со корона вирусот во Скопје
Фото: Општина Тетово