По одржувањето на свечената церемонија за доделување на Оскарите, на која, „Медена земја“ не освои статуетка, а беше номинирана во две категории, филмската екипа имаше свое обраќање на официјалниот фејсбук-профил на филмот.
Секој збор вреди да се прочита.
„Сепак, и покрај тоа што „Медена земја“ не доби Оскар, сосема сме свесни за големината на овој филм, за значењето на пораката што ја пренесува, за силата на бескрајните приказни што се кријат во оваа земја и за многуте наши талентирани уметници кои знаат како тие приказни да ѝ ги покажат на публиката.
Почестени сме што бевме номинирани покрај овие одлични филмаџии со смели приказни кои им се обраќаат на луѓето од целиот свет, на универзалниот јазик на кинематографијата. Не можеше да се предвиди дека нашиот филм ќе влезе во историјата на Македонија и во историјата на номинациите за „Оскар“.
„Медена земја“ истовремено беше номиниран во две категории, за најдобар документарен и за најдобар интернационален филм, затоа што универзалноста на приказната и јазикот на филмот ја даваат неговата компетентност и сила да се натпреварува со останатите номинирани.
Кога го промовиравме филмот на фестивалот „Санданс“, пред повеќе од една година, не се ни надевавме дека ќе стигнеме толку далеку.
Им се заблагодаруваме на сите што веруваа во нашиот мал филм и нè поддржуваа, а особено му се заблагодаруваме на дистрибутерот „Неон“ за вербата во моќта на кинематографијата и во смелото раскажување приказни.
На крај, би сакале да ѝ се заблагодариме на нашата водечка ѕвезда, Атиџе Муртова што ни дозволи да влеземе во нејзиниот прекрасен свет. Филозофијата на Атиџе ‒ земи половина, остави половина ‒ е едноставна, но длабока. Тоа е порака во којашто може да се пронајде секоја публика. Горди сме што сме гласниците на таа порака,“ пишува филмската екипа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Атиџе е нашиот Оскар“: Твитер реакции за „Медена земја“ и Оскарите
Ние би додале дека овие медени луѓе, го освоија Оскарот онолку пати колку срцата ни трепереа од среќа и бевме горди до небо со нивните успеси по реномирани фестивали, на аплаузите за нив од публиката ширум светот, на позитивни критики од светските медиуми, на честитките до нив од холивудските актери, на фотографиите од рамо до рамо со нив.
Благодарение на „Медена земја“ Македонија беше најпребарувана дестинација на Гугл поврзана со Оскарите. Медот од она што го сторија, допрва ќе се срка, ако само научивме дека пола ќе им оставиме на пчелите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Медена земја“ не доби Оскар: Статуетките ги земаа конкурентите „Американска фабрика“ и „Паразит“
Нема место за разочарување: „Медена земја“ не сплоти и испиша историја
(ВИДЕО) Атиџе прекрасна: Како изгледаше екипата на „Медена земја“ на Оскарите
Фото: Фејсбук/Медена земја