еМагазин
Image default
ЖИВОТ

(Фото) Многу емоции, солзи и возвишување на планината на промоцијата на книгата на Калина Велевска

На промоцијата на книгата „Дневникот на една планинарка“ од Калина Велевска, која заедно со Александар Миновски загинаа лани на Кајмакчалан, присуствуваа голем број на луѓе. Бифето во МКЦ, беше исполнето до последно место.

Се читаа фрагменти од книгата, а поетите Билјана Стојановска, Ѓоко Здравески и Владимир Мартиновски говореа за познанството со Калина и нејзината љубов кон планината.

Новинарката и поетеса Билјана Стојановска рече дека иако физички ја нема, кога мисли на Калина, не мисли на смрт.

„Кога прв пат ја запознав како колешка на работа ѝ реков, леле колку ме потсетуваш на мене. Потоа сфатив дека сум си поласкала. Во разговор со повеќе пријатели, бев сфатила дека повеќемина истото го мислат, дека Калина личи на нив. Тоа говори за моќната емпатска врска што Калина умееше да ја развие со другите луѓе. Имаше толкава способност да проникне и да сочувствува со другите, што правеше секој да се чувствува како да му е сродна душа. Луѓе како неа ретко се среќаваат.

Со текот на годините учиме дека постојат луѓе што можат да направат да потонеш во нивните проблеми, луѓе што со голема тежина се движат низ светот, небаре само нив нешто важно им се случува. Меѓутоа има и онакви на кои воопшто не им е лесно, но умеат низ животот да се движат како ветер. Со леснотија да те поткреваат кога не ти е добро, да се продираат во душата онаму каде што другите не можат. И да прават да мислиш дека ништо на светот не е толку тешко. Калина припаѓаше на овие вторите“, рече Стојановска.

Поетот Ѓоко Здравески рече дека Калина прв пат ја запознал во Лазарополе.

„Бевме дојдени десетина луѓе на книжевен викенд посветен на кратки книжевни форми. Првата ноќ читавме свои стари песни во семејната куќа на Ламбевци, а некои од нас напишаа по некое ново хаику или по некој краток расказ. Утредента на полјанката зад куќата на Чупевци читавме кој што напишал. Калина се срамеше. Не сакаше да прочита. Но некако успеја да ја натераат да го прочита и таа своето хаику. „Татко ми рече, не пишувај за горе патетична си. Татко ми рече не пишувај за горе, патетична си“. Сите прснуваме да се смееме“, рече Здравески.

За книгата вели дека тагата е насекаде, но не и пречи на радоста која блика од патеписите на Калина.

„Напротив, тие двете се надополнуваат и ја топат. Калина беше вечно дете, или барем јас така ја доживував. Немирно, будалесто дете. Таа детска заиграност ја има и во приказните од Дневникот. Ги раскажува со леснотија затоа што и е убаво да го сподели воодушевувањето од планините. Многу од приказните завршуваат со благодарност, можеби најблагородната состојба на човековата свест. Поради тоа, читањето на Дневникот облагородува. Планините ја лечат неа, таа преку приказните ги лечи тие што ги читаат приказните. Иљачот станува иљач. Зошто планината? Затоа што во светот на Калина, планината е контрапунктот на градот. Планината е спасот од загушливиот какофоничен град и затоа враќањето во градот е секогаш тажно и непосакувано. Планината е слобода, градот е ропство. Планината е дивина или божествена, а градот е затруен и под вечната маска на човечкото лицемерие. Планината и човекот, тоа му доаѓа исто. Земја што копнее да стане небо“, заврши Здравески.

Поетот Владимир Мартиновски најпрво ја прочита песната која ја има напишано за Калина „Планина од цвеќе“ на денот на нејзиниот погреб и рече дека Калина ја запознал во Лазарополе истиот викенд за кој зборуваше и Здравески.

„Калина нам ни остави искрено пријателство, безгранично многу љубов но и една книга аманет. Книга-планина со сите нишани. Вдахновена од непоматена, бескрајна, безрезервна љубов кон планините и природата оваа книга е напишана со многу радост, страст и усет за убавото. Со секоја реченица таа ни покажува што значи да се љубат планините. Што значи да се живее за и со природата. Иако вели дека станува збор за убава зависност, Калина ја доловува суштината на планинарењето. За неа кое е скок во непознатото, внатрешен подвиг, вештина на восхитот, начин на живеење, можност за духовен раст. Еден вид преродување и лекување. Уметност да се најде спокој и мир во душата. Читајќи ја книгата се уверуваме дека планинарењето е нешто многу повеќе од освојување на врвот. За неа планините не се освојуваат, туку се сакаат. Па затоа на едно место вели дека не е важна километражата, туку да ти е убаво да си со убави луѓе, да дишеш чист планински воздух и да му се препуштиш на моментот. Книгата на Калина не поканува на суштинско враќање кон природата во време на изгубени вредности“, рече Мартиновски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Татко ѝ на Калина на промоцијата на книгата праша: Зошто на Кајмакчалан некој ја пуштил гласината за наводно исчезнати мајка и дете

(Фото) Планинари садеа дрвца и го искачија врвот Клепа во чест на Калина и Александар

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

За два дена, нови 14 случаи на голема кашлица во Скопје

Редакција

„Тестни се“ бесплатно за ХИВ и други сексуално преносливи инфекции во Младинскиот Центар „Сакам да знам“ на Водно

Редакција

Денеска наутро студено, во текот на денот умерено облачно со температура до 23 степени

Редакција