Со оглед на големиот интерес што во јавноста го предизвика информацијата за сознанијата дека е снимана телефонската комуникација остварена преку фиксна телефонска мрежа во зградата на јавното обвинителство, Јавното обвинителство на Република Македонија истакнува дека со исклучителна сериозност и внимателност се проверуваат сите аспекти на настанот и се работи на утврдување на евентуална кривична одговорност.
„Предистражната постапка е отворена веднаш по добиените сознанија дека телефонските разговори остварени преку фиксна телефонија во зградата на јавното обвинителство биле снимани. Иако пронајдените податоци со снимени разговори на двата хард диска од телефонската централа датираат од 30.09.2016 година, постојат индиции кои укажуваат дека снимањето траело од набавката и инсталирањето на опремата, односно од 2013 година. Во таа насока, се проверува и дали снимените разговори биле избришани или пренесени на друг уред.
Како што веќе известивме, првичните сознанија од предистражната постапка укажуваат дека снимањето се вршело на двата хард диска од телефонската централа во новиот објект во кој се сместени просториите на Основното јавно обвинителство Скопје, Вишото јавно обвинителство Скопје и Јавното обвинителство на Република Македонија. Во рамките на постапката се врши проверка и на тендерската документација за набавка на опремата и на овластувањата за нејзино користење.
Дополнително, Јавното обвинителство работи на проверка и на индициите дека ист или сличен систем за снимање на телефонски разговори бил употребуван и во други правосудни институции“, изјави портпаролот на Јавното обвинителство на Република Македонија, Елизабета Недановска.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Да не „бомбардира„ и Груевски од Унгарија
Афера прислушување на Обвинителството и Основен суд Скопје 1: Кој не бил прислушуван?
Аферата со прислушувањето на обвинителите отвара дилеми: Кој стои зад „Големото уво“?
Твитер „полуде“ за прислушувањето на обвинителите: „Се кладам дека биле СЈО“