Вонредните внатрепартиски избори во СДСМ на кои ќе се избира нов претседател на партијата ќе се одржат денеска, а гласањето ќе се одвива по електронски пат.
Сите членови кои поседуваат електронска членска картичка на СДСМ ќе може активно да се регистрираат и да гласаат на овие втори внатрепартиски избори.
За претседател на партијата се кандидираа тројца кандидати и тоа Димитар Ковачевски, кој е актуелен заменик-министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, Фросина Ременски, поранешна пратеничка и екс-потпретседателка на СДСМ и Јован Деспотовски, актуелен директор на Дирекцијата на ТИРЗ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Каков имот пријавил Димитар Ковачевски, кој ќе се кандидира за претседател на СДСМ
И Фросина Ременски кандидат за претседател на СДСМ: Каков имот пријавила?
Каков имот пријавил Јован Деспотовски, кандидат за нов лидер на СДСМ
Еден од нив ќе го заземе местото на досегашниот претседател на СДСМ, Зоран Заев, кој даде оставка по неуспехот на партијата на локалните избори. Заев првпат на позицијата претседател на СДСМ беше избран во 2013 година.
Согласно Правилникот за постапката и роковникот, активно се регистрирани 51.228 членови на СДСМ, а пријави се пристигнати и по истекување на предвидените рокови.
Од овие причини, имајќи го предвид краткиот временски рок за активна регистрација, но и интересот на членовите на СДСМ, Централната изборна комисија задолжена за спроведување на вонредните внатрепартиски избори во СДСМ, донесе одлука да им се овозможи на сите членови кои поседуваат електронска членска картичка да може да се регистрираат на самото гласачко место и да гласаат на вонредните внатрепартиските избори.
Гласањето на денешните вонредни избори ќе се одвива на 194 избирачки места низ општинските организации ширум државата, почнувајќи од 08.00 часот наутро, се до 19.00 часот попладне.
Гласањето е тајно, со заокружување на редниот број на еден од тројцата кандидати за претседатал на СДСМ кои се наоѓаат на гласачкото ливче, согласно жрепка за утврден редослед.
Непосредните внатрепартиски избори следуваат по оставката на претседателот на СДСМ и премиер во заминување, Заев, која беше констатирана на седницата на Централниот одбор на партијата одржана на 26 ноември. Оставката ја најави ноќта на 31 октомври, како чин на политичка одговорност по поразот на локалните избори, губејќи го и главниот град и повеќето скопски општини.
СДСМ по вторпат годинава оди на внатрепартиски избори за лидер и тоа по само девет месеци откако, наместо на конгрес, со статутарни измени се предвиде непосредно гласање на целото членство за највисоката партиска функција.
Да не ја најавеше Заев оставката на лидерската функција, вторите внатрепартиски избори ќе требаше да се одржат во 2025 година, до кога, поради новонастанатата ситуација, веројатно ќе трае и мандатот на петтиот претседател на СДСМ, кој ќе биде избран денеска.
Заев не е првиот претседател на СДСМ кој поднел оставка на функцијата. Пред него, тоа го направи Бранко Црвенковски во 2004 година, повлекувајќи се среде мандат и од лидерската и од премиерската функција, за да се кандидира за претседател на државата, а четири години подоцна од лидерското место се повлече и Радмила Шекеринска, по поразот на тогаш опозициските социјалдемократи на предвремените парламентарни избори во 2008 година.
Заев првпат беше избран за лидер на СДСМ во 2013 година, на конгрес на кој имаше двајца противкандидати, а дојде на чело на партијата од позиција на градоначалник на Струмица.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кој е Јован Деспотовски, кандидат за нов претседател на СДСМ
(Фото) Кандидатот за лидер на СДСМ, Ковачевски доби подршка од Спасовски и Жерновски
(Фото) Кандидатот за лидер на СДСМ, Ковачевски со Зечевиќ ја презентираше својата програма
МИА