Значи ако за нешто го бива скопскиот градоначалник Петре Шилегов, тоа е сигурно неговата „смисла за хумор“.
По оџачарите и ваучерот за такси за пијани гости, Скопје, еден од најзагадените градови во Европа, па комотно, за жал, можеме да кажеме и во светот, го пријавил за престижната европска награда „Зелена престолнина на Европа 2021“.
Меѓудругото оваа награда се доделува на градови кои ја подобруваат својата локална средина и квалитетот на живеење, и користат иновативни решенија за справување со еколошки проблеми.
Па има ли нешто поиновативно од оџачари и налепници во различни бои кои ќе се лепат на возила, зависно од тоа колку загадуваат? Нормално дека нема.
Со ваква иновативност и сериозен пристап во борбата со загадувањето, во старт Скопје станува сериозна конкуренција на другите кандидати: Будимпешта (Унгарија), Каљари (Италија), Дижон (Франција), Лахти (Финска), Лил (Франција), Стразбур (Франција), Тирана (Албанија) и Вастерас (Шведска).
Па здравје, по освојување на оваа европска награда, да го конкурира градот и за некоја светска.
А до тогаш, ние ќе продолжиме да се гушиме, нема проблем, важно ќе се смееме.
А смеењето е нели половина здравје.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Твитер „удри“ по Шилегов: „Скопје не може за град да се кандидира, не пак за зелен“