Со 81 глас во македонското Собрание беа изгласани уставните измени, предвидени со Догворот од Преспа.
Пратениците во рамки на 75. седница ги донесоа амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, а потоа и ги прогласија. Усвоен и прогласен и Уставниот закон за спробведување на амандманите.
Владата прифати два видоизменети амандмани.
Првиот е за амандманот XXXIV на Уставот и со него Преамбулата на Уставот ќе гласи „граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“.
Со видоизменетиот амандман на амандманот XXXVI на Уставот новиот текст ќе гласи „Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со тактовината“.
Државјанството останува македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, а прифатен е амандман на Уставниот закон со кој се потврдува државјанството македонско/граѓанин на Република Северна Македонија и се појаснува како ќе гласи за граѓаните Албанци на албански јазик и ќе се утврди во сите закони каде што е тоа потребно.
Што пишува во амандманите?
Во Амандманот 33 стои: Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36 од Уставот на Република Македонија.
Во Амандман 34 стои: зборовите „кои живеат во нејзините граници“ се заменува со „како и граѓаните кои живеат во нејзините граници, граѓаните на РМ, македонскиот народ, и дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“.
Во Амандманот 35 стои: „Републиката ги почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“ се дополнува членот 3 од Уставот на Република Македонија.
Во Амандман 36 стои: Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ. Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани што живеат или престојуваат во странство. Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и на другите заедници и ги негува и унапредува врските со татковината. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
Со новиот текст изгласан денеска се менува третиот став кој сега гласи: Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со татковината.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Македонија станува Северна Македонија: Гласаа 81 пратеник
Беса на Касами: На албански јазик во сите документи ќе стои Македониш, во превод „на Македонија“
еМагазин/МИА/Фото: Влада