Ако не излезете да гласате на референдумот за името и не заокружете ЗА, нема ни НАТО, ни ЕУ.
Оваа порака секој ден, по неколку пати на македонските граѓани им ја упатуваат бројни европски и американски политичари, а големи светски политички играчи од типот на германската канцеларка Ангела Меркел дојдоа и во Македонија директно да ја кажат истата.
Во ист стил секој ден, по уште неколку пати истата порака ни ја пренесуваат и нашите политичари, на чело со премиерот Зоран Заев, кои одлучија да водат кампања „ЗА“ за престојниот референдум.
Како сето тоа да не е доволно, тие што повикуваат на бојкот на референдумот најавуваат дека ќе ги сликаат граѓаните што ќе излезат на референдумот, а тие пак што се на власт велат: „списокот е кај нас“.
Да не сте им во кожата на административците.
Колку оваа стратегијата за ширење на страв, дека државата ако исходот од референдумот биде неуспешен ќе се распадне или во неа ќе има конфликт, ќе биде успешна или ќе има контра ефект ќе покажат граѓаните на 30 септември.
Друга тема е дека Македонија нема никаков резервен план, и дека од референдумската стратегија излегува дека македонските граѓани и нивната држава нема кој да ја заштити доколку референдумот не успее.
Рака на срце, се на се, многу демотивирачки со голема доза на губитничко чувство.
Да, никој нема дилема дека мнозинството граѓани во Македонија сакаат да бидат дел од НАТО и ЕУ и секако да се реши горливиот спор со Грција. Но, дали оваа е вистинскиот начин да се постигне толку посакуваниот цензус и граѓаните во мнозинство да заокружат „ЗА“.