еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Уште Чифлиганец недостигаше во сапуницата „Рекет“

Како кула од карти се распаѓа авторитетот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и се доведува во прашање законитоста на случаите отворени во изминатиов период откако италијанскиот весник „Ла Верита“ ги објави видео и аудио снимките од случајот „Рекет“ кои откриваат размена на пари и комуникација која алудира на местенки во однос на притворот за обвинет во случајот „Империја“.

Во јавноста беспотребно се разви дебата околу прашањето дали објавата во италијанскиот медиум е смислен потег за да се направи политички удар врз актуелното владејачко раководство. Факт е дека употребата на „тајни“ аудио и видео материјали веќе одамна стана практика во нашата политика, а не треба да се заборави дека СЈО беше формирано со единствена цел да ги расчисти евентуалните нелегални активности што ги открија „бомбите“ презентирани од премиерот Зоран Заев, кој тогаш беше во улога на лидер на опозицијата.

Многу поважна е содржината на овие снимки кои бездруго докажуваат нелегални активности и потенцијална вмешаност во аферата „Рекет“ на поголем круг функционери и јавни личности.

Затоа, од круцијално значење е последното излагање до медиумите на обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, чие име се споменува во новата аудио снимка што ја објави „Ла Верита“ кое отвара низа дилеми и прашања околу начинот на функционирање на македонскиот правосуден систем.

Имено, таа јавно кажува дека во август 2018 година, осомничените Јордан Камчев и Цветан Панделески се обиделе да извршат влијание врз предистрагата која во тој период беше насочена против нив и други лица, користејќи го нејзиното познанство со господинот Ванчо Чифлиганец.

Таа додава и дека за оваа ситуација ги известила Катица Јанева и присутните обвинители и нејзиниот тим на истражители. Стефанова открива и дека на средбата која се одржала во просториите на Специјалното јавно обвинителство, Чифлиганец се обидел да добие информации за постапката за „неговите пријатели“, Цветан Панделески и Јордан Камчев и дека таа јасно му ставила до знаење дека не доаѓа во предвид да разговара било што во врска со предметот.

Уште поголема тежина има нејзината изјава во која открива дека на 16 април 2019 година, во канцеларијата на Катица Јанева бил одржан состанок на кој таа изнела одредени одлуки пред присутните обвинители, а кои се однесуваа на дејствија во предметите „Империја“ и „Поштенска банка“. Всушност, им било наложено, најкасно до 06 мај 2019 година, до неа да достават писмени извештаи за штетата во двата предмети кои осомничените треба да ја платат на државата, по што предметите „да бидат тука затворени“ и осомничените „да не одат во затвор“.

Се чини дека македонската јавност веќе навикна да гледа и да слуша докази кои откриваат задкулинси игри на кои можат да им позавидат и сценаристите на евтини сапуници.

Останува да се види до каде ќе оди коруптивниот круг во случајот „Рекет“ и кој ќе биде во главна улога во следната епизода од оваа наша сапуница.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Чифлиганец: Беспредметно е споменувањето на моето име во „Рекет“

Обвинителката од СЈО, Стефанова: Јанева ни наложи да ги затвориме предметите и осомничените да не одат во затвор

(ВИДЕО) Нова „бомба“ од “Ла Верита“: Катица наводно му вели на Камчев дека се ќе биде ОК

Нов сомнеж за инволираноста на Катица Јанева во „Рекет“ по снимката на која Боки 13 зема пари од Камчев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Професорот Трајковски го сподели личното искуство на мајка му, која на 83-годишна возраст го победи Ковид-19

Редакција

Почина актерот Владимир Ендровски

Редакција

Распродажба во УЈП: Запленети камиони, автомобили и телевизори по багателни цени

Редакција