Одлагање на изборите нема. Јас на 3 јануари ќе поднесам оставка. Парламентот треба да ја констатира оставката и со тоа паѓа целата Влада. Истиот ден претседателот Стево Пендаровски треба да му даде мандат на Оливер Спасовски, кој треба да ја предложи новата влада и парламентот да ја изгласа, изјави претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев на синоќешната прес-конференцијата на која ги соопшти одлуките на Извршниот и Централниот одбор на партијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Официјално: Спасовски технички премиер, Царовска на местото на Анѓушев
Потврда за сериозноста дека нема одлагање на изборите, рече, се кадровските решенија договорени за преодната влада.
-Дадовме збор, а и опозицијата стоеше на зборот и денеска го заокружи пакетот на закони во Собранието што имаат реализација од 1 јануари. Останаа законите кои може да се донесат во јануари и може да се имплементираат следната година, истакна Заев одговарајќи на новинарски прашања во партиското седиште.
Ги почнуваме, рече, законските рокови – стоте дена од денот на изборите наназад. Нагласи дека СДСМ не се откажува од една изборна единица затоа што е добро за државата и правично за сите.
– За една изборна единица можеме да одлучуваме сè до 12 февруари односно до 60 дена пред изборите додека работи Парламентот. Ние не се откажуваме од ова прашање, а и колегите од помалите политички партии, помалку бројните етнички заедници се про и сакаат. Тоа е и наше изборно ветување.
Треба и другите политички партии, како ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да седнат, а јас утре ќе го отворам и тоа прашање, доколку и господинот Христијан Мицкоски сака да разговара. Убаво е ако за тоа одлучиме со консензус. Утре ќе ја искористам средбата со првиот човек на најголемата опозициска партија, можеби ќе најдеме одредено решение, рече Заев.
Фото/видео: СДСМ