еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Проф. Трајковски: „Вакциналните сертификати во кафеана не се никаква гаранција- вакцините не штитат од заразување со омикрон сојот кој е 100% доминантен“

После цели две недели, дојде денот за пресметка на најновите ефективности на вакцините против заразување и смртен исход, пишува проф. Дејан Трајковски во неговата најнова анализа за ковид-состојбата во земјава.

„Во меѓувреме омикрон сојот речиси целосно го истисна делта сојот и достигна практично 100% доминација.

Ова многу јасно се гледа од ефективноста против заразување, која опадна речиси до нула (само 4%), точно како што беше наговестено пред неколку дена врз основа на ефективноста од прележувањето против заразување, која исто така опадна речиси до нула.

Но, најважната вест е што ефективноста против смртен исход ниту се помрдна, остана закована на околу 90%.

Всушност, доколку сметавме со 1,8 милион жители, од кои 1,5 милион возрасни, ефективноста би станала негативна (-4%).

Меѓутоа, бидејќи нема логика вакцинираните да се разболуваат почесто од вакцинираните, бројот на жители е корегиран од 1,8 милиони на 1,74 милиони, за да добиеме разумни резултати.

Само врз основа на овие статистики во следните недели ќе направиме уште подобра проценка на бројот на жители во државата (веројатно е помал дури и од 1,7 милиони), штом самата не била во состојба да го преброи населението повеќе од 20 години.

Учеството на вакцинираните меѓу заразените (портокаловата линија на вториот дијаграм) продолжи да искачува, за прв пат преку 50%, колку што би требало да изнесува опфатот со вакцинација кај возрасните.

Всушност, опфатот е изгледа и поголем од 50%, од истата причина – помалиот вистински број на жители во државата.

Просечниот временски интервал од втората доза кај досега вакцинираните веќе изнесува 157 дена (полни 5 месеци), што значи дека и без Омикрон сојот повеќе ништо не би останало од заштитата против заразување.

Но, како што рековме, против смртен исход заштитата трае далеку подолго од 5 месеци – најдобра потврда на меморискиот имунитет.

Последниве две недели кај вакцинираните се дијагностицирани 9.083 од 819,8 илјади лица (инциденца 791,4 заразени на милион вакцинирани дневно). Од друга страна, кај невакцинираните се дијагностицирани се 7.268 од 630,2 илјади лица (инциденца 823,8 заразени на милион невакцинирани дневно).

Соодносот на ризиците изнесува 791,4/823,8=0,96, односно ефективноста (намалувањето на ризикот) против заразување изнесува одвај 4%. Тоа е збирно за две недели, но последнава недела, со апсолутната доминација на oмикрон сојот, ефективност е веројатно околу 0%, а може да биде и малку негативна (случајни варијации околу нулата).

Последниве две недели починале 34 од 243,5 илјади вакцинирани постари од 60 години (морталитет 10 починати на милион вакцинирани постари од 60 години дневно) и 100 од 64,8 илјади невакцинирани постари од 60 години (морталитет 110,2 починати на милион невакцинирани постари од 60 години дневно).

Соодносот на ризиците изнесува само 0,091, односно ефективноста (намалувањето на ризикот) против смртен исход изнесува дури 90,9% последнава недела.

Од доаѓањето на Делта сојот во земјава починале 2.595 лица. Доколку немало вакцини, би починале околу 7.070 (се разбира, со извесен интервал на доверба), а доколку сите биле вакцинирани би починале само околу 758 лица.

Во најновите пресметки е сметано со вкупно население од 1,74 милиони (1,45 милиони полнолетни), што не мора да значи дека е точна вредност. Како што видовме, со повисок број на жители се добиваат пониски ефективности.

Исто така, вршени се апроксимации за опфатот со вакцинација кај постарите од 60 години, бидејќи ИЈЗ уште од крајот на септември не го објавува овој податок. Меѓутоа, бидејќи бројот на вакцинирани бавно се зголемува (уште побавно кај постарите), пресметката би требало да има задоволителна точност.

Искористена е дополнитена претпоставка дека сите починати биле постари од 60 години, иако реално од таа група доаѓаат околу 85% од починатите, помалку отколку пред вакцините (95%).

Со ова се докажува дека вакцините се сé уште ефикасно средство за спречување на смртен исход (главната причина за вакцинација), но со текот на времето и со појавата на новите соеви прилично ја изгубиле ефикасноста за спречување на заразувањето (со споменатата ефективност од 4% последниве две недели).

Понатаму, се потврдува дека заразата може ефикасно да се спречи единствено со превентивни и рестриктивни мерки, како и интензивно тестирање на населението и изолирање на заразените и нивните контакти.

Потпирањето само врз вакцините за оваа цел не дава веќе никакви резултати. Вакциналните сертификати не се повеќе никаква гаранција дека посетителите во кафеаните се заштитени од зараза, туку само против смртен исход.

Сите коишто влегуваат во кафеана, без разлика дали имаат важечки или лажни сертификати, треба да бидат свесни дека можат да бидат заразени од корона вирус,“ пишува Трајковски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Доктор Пановски: „Тргнете ги сертификатите, одложете ја школската година за две недели, нека биде со физичко присуство и без маски“

Проф.Трајковски: „Се намалува преносливоста на омикрон сојот, врвот ќе се достигне следните десетина дена“

Проф. Трајковски: Против oмикрон сојот, ниту вакцините ниту прележаноста не даваат заштита од заразување, додека и двете даваат солидна заштита од смртен исход

Проф. Трајковски: Сите коишто прележале пред јуни 2021 година, се потенцијални жртви на заразување со новиот омикрон сој

Фото: Фејсбук/Трајковски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

МПЦ-ОА ги повикува верниците и граѓаните на масовно гласање

Редакција

ЗНМ и ССНМ го осудија омаловажувачкиот однос на Јакимовски кон новинарите, чии што прашања ги нарече „смешни“

Редакција

Член на општинскиот кризен штаб на Куманово негативен на повторените тестирања за корона вирусот

Редакција