Долниот дом на британскиот Парламент синоќа со 432 гласа „против“ и 202 „за“ го отфрли Договорот за истапувањето на Велика Британија од ЕУ, што лани во ноември го постигнаа Владата во Лондон и Брисел.
По ваквата одлука, британската премиерка Тереза Меј изјави дека го слушнала мислењето на Парламентот, но дека е битно да се слуша и волјата на британскиот народ.
– Јасно е дека Парламентот не го поддржува овој договор. Но, гласањето не ни кажува што поддржува. Тоа не ни кажува како или дали воопшто (Парламентот) има намера да ја почитува одлуката што бритинскиот народ ја донесе на референдумот (за Брегзит), нагласи Меј.
Британските медиуми оценуваат дека сега Владата на Меј има време до понеделник да пронајде „план Б“ за Брегзитот, кој е предвиден за 29 март.
Во вакви услови можни се четири сценарија за излез од ќорсокакот со британското напуштање на Унијата.
Првото сценарио би било Брисел да се согласи на отстапки и да прифати преговори за нов договор за Брегзит, со чија содржина би се согласиле мнозинството пратеници во британскиот Парламент и тој би бил усвоен пред рокот за „разводот“ меѓу Велика Британија и ЕУ.
Лидерите на ЕУ досега во повеќе наврати ја отфрлаа можноста за нови преговори за Брегзит, но вчера пред гласањето во британскиот Парламент, германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас изјави дека „ако работите тргнат наопаку, можни би биле нови разговори“.
Сепак тие „нови разговори“ најверојатно би се свеле само на „козметичко дотерување“ на сегашната верзија на Договорот за Брегзит, што веројатно не би било доволно да се убедат мнозинството пратеници во британскиот Парламент за негово прифаќање.
Од друга страна, тие измени би требало да ги поддржат и сите останати 27 земји членки на ЕУ, за што кај мнозинството од нив нема преголемо расположение.
Меј би можела да побара пролонгирање на рокот за Брегзит, најмногу до јуни, став што го поддржуваат мнозинството политички партии во Европскиот парламент. Сепак, скептиците оценуваат дека оваа варијанта не би била од голема полза, имајќи предвид оти е малку веројатно дека за тие три месеци би се пронашло „генијално решение“ прифатливо за сите, кога тоа не се постигна за две и пол години.
Меѓутоа, при ваква опција, се поставува проблемот и околу учеството на Велика Британија на европските избори во мај, бидејќи седиштата на британските европратеници веќе се прераспоредени меѓу другите земји членки на ЕУ.
Второто сценарио би било опцијата на „тврд Брегзит“, односно истапување на Велика Британија од ЕУ без договор за идните односи меѓу двете страни, што предизвукува неизвесност и стравувања од можен хаос како во земјата, така и во Унијата.
Ова сценарио би значело дека на 29 март Велика Британија по автоматизам би ја напуштила Унијата и со тоа би претстанале да важат сите меѓусебни обврски предвидени со правилата на ЕУ.
Ваквото сценарио како најверојатно го посочи и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кој по синоќешното гласање во британскиот Парламент изјави дека сега „значително се зголемени шансите за Брегзит без договор“.
Меј од своја страна е децидна дека има намера да ја почитува волјата на граѓаните за излез на земјата од ЕУ изразена на референдумот во 2016 година, нагласувајќи дека одбивањето на договорот значи „тврд Брегзит“.
Третото сценарио би било пад на Владата на Меј, што може да се случи уште денеска кога пратениците во британскиот Парламент ќе се изјаснат за доверба на владиниот Кабинет.
Гласањето го иницираше лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, кој по одбивањето на договорот ги повика пратениците да ја урнат Владата на Меј.
Со гласањето се согласи и самата Меј, која изјави дека по одбивањето на Договорот што таа го постигна со ЕУ, пратениците ќе треба да се изјаснат дали се уште имаат доверба во неа и нејзината Влада.
Доколку Парламентот денеска и изгласа недоверба на Меј, таа ќе мора да поднесе оставка, по што почнува да тече рокот од две недели во кој би требало да се формира нова влада, Тоа нема да биде лесно, бидејќу владејачката Конзеравтивна партија нема мнозинство во Парламентот, а дополнително конзервативците меѓу себе се поделени околу прашањето за Брегзит.
Ако не биде фомирана нова Влада тогаш ќе претстојат предвремени избори, чиј победник засега е крајно неизвесен. Во случај на победа на лабуристите, премиер најверојатно би станал нивниот лидер Корбин, кој веќе најави дека доколку се најде во таква позиција ќе бара нови преговори со ЕУ.
Победа пак на конзервативците, не би значело намалување на неизвесноста, бидејќи ни тие немаат единствен став, што по отфрлањето на договорот.
Четвртото сценарио би било нов референдум за Брегзит, можност што Меј досега категорично ја отфрлаше, но доколку таа замине од премиерската функција не е исклучено Британците да бидат повикани на ново референдумско изјаснување.
На новиот референдум Британците би се изјансиле дали сакаат Брегзит врз основа на постигнатиот договор или пак останување на Велика Британија во ЕУ. Ваквата опција од неодамна ја прифатија и лабуристите, кои досега беа воздражни околу евентуален нов референдум.
Според анкетата на „Индепендент“, 48 отсто од Британците сакаат нов референдум за Брегзит, а 28 проценти се против тоа. При евентуален нов референдум, 45 отсто би се изјасниле за останување на Велика Британија во ЕУ, 39 проценти би биле за Брегзит, а 16 отсто се неопределни.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
По неуспехот на Меј: Брегзит повторно главна тема во светот