Како да беа договорени министерката за одбрана Радмила Шекеринска и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со искачување на планинските врвови да го прослават Денот на независноста.
Вицепремиерката и министерка за одбрана Шекеринска заедно со американската амбасадорка, Кејт Мери Брнс по повод празникот го искачија врвот Лако Сигној на Галичица, а друштво им правеа шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Македонија, Зоран Јанковиќ, припадници на АРМ, градоначалниците на Охрид и Ресен, амбасадори, планинари…
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, го искачи Кораб од каде што упати честитка по повод Денот на независноста.
Иако не се качи на планина, најзабележителен при празнувањето се чини дека беше евроамбасадорот Самуел Жбогар кој на централната прослава на овој национален празник стана да заигра на песната „Македонско девојче“, за која изјави дека му била омилена.
Во период кога на македонските граѓани им е преку глава од афери како „Рекет“ и политички манипулации ваквите слики од планински врвови и ора се вистинско освежување.
Сепак, не може, а да не се забележи разликата меѓу политичарите од власта и опозицијата во честитките за независноста во однос на вокабуларот односно очигледното избегнување на првите да го употребат новото име на државата, како и очигледната намера на вторите да го потенцираат старото име Македонија.
Тоа упатува на заклучок дека политичарите од власта не се подготвени да си играат со емоциите на граѓаните иако промената на името е завршена работа, како и дека опозицијата се уште има намера да ги користи националните чувства за политички поени.
Двете страни треба да сфатат дека е време политичките препукувања да се заменат со дијалог и дека само со заеднички напори и трезвеност може да се реализираат стратегиските цели на државата и да се подобри животниот стандард на граѓаните.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Галерија) Шекеринска и американската амбасадорка Брнс го искачија врвот Лако Сигној на Галичица
Мицкоски од Кораб, а Груевски со сеќавање на студентските денови го честитаа Денот на независноста
Евроамбасадорот Жбогар заигра на „Македонско девојче“: Му била омилена песна
(ВИДЕО) К-15 визионери: Цацко, Тошо и „нашата земја“ хит на Твитер
Фото: Фејсбук/Шекеринска/Мицкоски/Твитер/Жбогар