По завршување на синоќешната вонредна владина седница по повод тешката сообраќајна несреќа на патот Скопје-Тетово, премиерот Зоран Заев соопшти дека бројката на загинати се зголеми на 14, а шестмина се борат за живот.
Тој додаде дека во најбрз можен рок ќе бидат познати причините за несреќата, а според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, увидот на местото на несреќата продолжува денеска.
-Ги мобилизиравме сите сили и капацитети да им помогнеме на повредените кои се во опасност, колку што може побрзо да ја добијат неопходната помош и да им се вратат на своите најблиски.
Да ги соопштиме фактите. Автобусот се движел на релација Скопје – Тетово, несреќата била кај село Ласкарци. Неутврдени се причините, истрагата е под раководство на надлежниот обвинител.
Веднаш штом ќе заврши, ќе бидат соопштени сите детали. Автобусот поминал директно на спротивната страна, влегол дури на регионалниот пат, паднал на регионалниот и понатаму, по регионалниот пат, во делот на удолнината.
Интервенциите беа брзи на сите институции, вклучително и на МВР, државните болници, но и сите приватни болници кои без поговорно веднаш ги испратија сите свои ресурси.
Вечерва, за жал животите ги загубија 14 наши сограѓани. Седум починале на лице место, 37 биле хоспитализирани во „8 Септември“, шест од нив се починати во „8 Септември“.
Во „Свети Наум Охридски“ имаме починато едно лице, две лица биле пренесени во Тетово и се во добра состојба. Едно лице е на домашно лекување во Гостивар и во „Мајка Тереза“ се осум лица од кои три се со сериозни повреди, изјави Заев.
Истакна и дека во моментов не се идентификувани сите жртви, дека процесот се уште трае.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Потресни видеа снимени неколку минути по трагичната несреќа на патот Скопје-Тетово
Владата ги прогласи 14 и 15 февруари за денови на жалост
Шоферот е во стабилна состојба, најголем дел од загинатите се од Гостивар