По аудио и видео снимките за случајот „Рекет“ кои осамнаа во италијанскиот весник „Ла Верита“, во македонските медиуми се појави уште еден документ за овој случај, за кој се уште се води истрага, а кој ја бранува јавноста.
Станува збор за записникот за сведочењето на сведокот-жртва во „Рекет“, бизнисменот Орце Камчев.
Од Обвинителството за организиран криминал и корупција кое го води случајот ја потврдија автентичноста само на фотографијата од првата страна на записникот, која се појави во неколку медиуми.
„Оригиналните списи од предметот ги поседува само обвинителството, а копија од нив беше доставена до надлежниот суд“, информираа за медиумите од Обвинителството.
Во првата страна од записникот Камчев раскажува за почетокот на средбите со осомничениот во „Рекет“, Бојан Јовановски (Боки 13) и нивната првична комуникација.
Не се споменуваат други имиња, ниту пак функционерите на СДСМ, премиерот Зоран Заев, министрите Радмила Шекеринска и Никола Димитров и потпреседателката на Собранието, Фросина Ременски, чии имиња се појавија во новинарските стории илустрирани со фотографијата од првата страна од записникот.
Сите тие најавија заедничка тужба за клевета за медиумите кои ја објавија сторијата.
Изјавата од Обвинителството посочува дека се можни два извори од каде би можел да биде испратен записникот до медиумите.
Првиот е Обвинителството, кое го поседува оргиналот, а второто место е судот, кој има копија од записникот.
Од Обвинителството посочија дека објавувањето на документи за истрагата е кривично дело, но за сега е нејасно дали записникот е испратен од некој од тимот на обвинителката Вилма Рускоска, која го води случајот или лице вработено во надлежниот суд.
Јавноста до сега нема одговор и на прашањето, како аудио и видео снимилките за „Рекет“ завршија во италијански весник. Од Обвинителството исклучија секаква можност дека тие се изворот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Oбвинителство: Објавувањето на документи од истрагата за „Рекет“ е кривично дело
Заев најави тужба за клевета за случајот „Рекет“