Сериозни инциденти се случија за време на протестот против Договорот од Преспа пред грчкиот Парламент, повредени се најмалку 15 лица меѓу кои и еден фоторепортер, јави дописничката на МИА од Атина.
Инцидентите ги предизвикаа групи маскирани лица, веројатно припадници на радикално десничарски групи и организации кои пред грчкиот Парламент ја нападнаа полицијата со разни предмети и пиротехнички материјали, обидувајќи се да го пробијат полицискиот блок и да стигнат до дворот на Парламентот.
Полицијата одговори со шок бомби и солзавци, а инцидентите набргу се проширија и низ улиците околу Парламентот.
Маскираните лица скршија и заштитна ограда од Парламентот, а фрлија и молотови коктели. Полицијата континуирано фрлаше солзавци.
Инцидентите се случија токму пред грчкиот Парламент, во горниот дел од плоштадот Синтагма, додека пак во долниот дел, онаму каде што беше поставена бината од организаторите и покрај солзавецот, на присутните паралелно им се обраќаа поканетите говорници.
Инцидентите траеа повеќе од два часа, а не ги прекина ниту дождот.
Како што претходно објави МИА, грчата полиција соопшти дека на протестот учествуваа околу 60 илјади граѓани.
МИА/Фото/видео: AFP news agency
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Слаб одзив на протестот за името Македонија во Атина: Полицијата изброја 60 илјади граѓани