еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Албански партии бараат Заев да се извини и да ја повлече изјавата за формирањето на војската на Косово

Од Алијансата за Албанците и Беса на Билал Касами, регираат на изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев за формирањето на војската на Косово. Бараат тој да ја повлече изјавата и да се извини.

Заев, за формирањето на војската на Косово рече дека на регионот не му се потребни нови тензии и апелираше до своите колеги, премиери, да внимаваат на своите чекори.

„Да ја унапредиме економската соработка, да постигнеме траен мир, раст, развој и членство во ЕУ„, порача Заев.

За неговиот коалиционен партнер, лидерот на ДУИ, Али Ахмети пак формирањето на војската на Косово е камен темелник на мир и стабилност во регионов.

„Одбележувањето на границата меѓу Косово и Србија, меѓусебното признавање, отворањето на преговорите за членство на Македонија во ЕУ и на Албанија, нашето членство во НАТО и спроведувањето на Договорот од Преспа, заедно со владеењето на правото во нашите земји, се предизвици кои ни престојат. Сите од нас кои имаат исти вредности и цел за еднаквост, правда и евро-атланска интеграција на нашите земји, треба да си помагаат едни на други“, напиша Ахмети на својот Фејсбук профил, под сликата на која е облечен во воена униформа.

Вицепремиерот од редовите на ДУИ, Бујар Османи пак за Алсат М вели дека ставот на Заев е на иста линија со ставот на НАТО. Според него, Македонија го признала Косово како држава, а заедно со тоа и сите елементи на нејзината државност.

“Премиерот повеќе беше на ист став со НАТО и ЕУ, како земја која сака да биде членка на НАТО и ЕУ. А треба да имаме во предвид дека во НАТО и ЕУ има членки кои не го признале Косово. Но сепак, ставот е јасен, Владата на Македонија ја призна независноста на Косово, а тоа подразбира и сите карактеристики и својства на една држава. Не верувам дека во однос на ова има дилеми. Повеќе беше прашање на динамиката на формирање. Ние како ДУИ им честитавме и го поздравивме чинот, бидејќи тоа беше еден од најважните денови не само за Албанците во Косово, туку во целиот регион“, вели Османи.

Извинување и повлекување на изјавата

Од Алијансата за Албанците на Зијадин Села, сметаат дека изјавата на Заев, го покажува неговото „црно и националистичко лице против Албанците и Косово, но и кон САД како главни поддржувачи на основањето на војската на Косово“, стои во статусот на Села на Фејсбук.

„Овој речник на Заев за војската на Косово го става под знак прашалник и неговиот однос кон САД, бидејќи едно Косово без војска ќе им одговараше само на Србија и Русија. Затоа, премиерот Заев е добро да го гледа својот двор и да ги спроведе потребните реформи во Македонија и да не се меша во внатрешната политика на државата на Косово. Алијансата на Албанците бара од премиерот Заев што побрзо да ја повлече својата изјава и да му честита на Косово во името на Македонија“, велат од Алијансата.

Од Беса предводено на Касами, велат дека Косово е независна држава и има легитимно право да има војска за заштита на територијалната целина и слободата на нејзините граѓани.

Според нив изјавата на Заев, „колку е навредлива за една слободна држава, исто толку звучи како и национализам од минатото време“.

„Движењето Беса бара од премиерот на земјата да се дистанцира од оваа скандалозна изјава и јавно извинување, кога се знае дека формирањето на војската на Косово ја има и силната поддршка од САД. Неговата изјава го одразува вистинското лице на „мултиетничката“ Македонија, ги прави да се чувствуваат навредени и Албанците на оваа земја, кои му дадоа полн мандат за да владее, а не за да зборува глупости и национал-комунистички варваризми“, велат од Беса.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(ВИДЕО) Американски знамиња, песни и ора: Како Косоварите го прославија формирањето на војска на Косово

Заев и Ахмети со спротивни ставови за формирањето на војска на Косово

(Фото) Честитка од Ахмети во воена униформа за формирање на косовската армија

НАТО: Погрешно време е за косовска војска

Фото: Wikimedia Commons/SUHEJLO

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ВМРО-ДПМНЕ: Заев и Анѓушев ја претвораат државата во сопствена фирма

Редакција

(Фото) Министерот Тошковски објави фотографија со семејството

Редакција

Пронајдено телото на Пригожин

Редакција