Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство имаат информации за дејствијата и можните соучесници во организирањето на бегството на поранешниот премиер, сега пратеник, Никола Груевски, велат за телевизијата Сител од МВР, но повеќе детали не може да бидат соопштени, бидејќи целата истрага се уште е во тек.
Од МВР за телевизијата велат дека се во координација со обвинителите и дека во моментов се преземаат активности за потврдување на сознанијата.
Истрага се води и внатре во полицијата за да се провери, евентуалната вмешаност на полициски службеници.
Море од шпекулации
Оваа е последна информација од македонските власти, а во меѓувреме во недостаток на официјални информации регионалните и европските медиуми продолжуваат со шпекулации за бегството на Груевски.
Вчера албанските медиуми неофицијално објавија дека Груевски излегол од Македонија на див граничен премин кај Дебар, при што имал асистенција од луѓе од доверба, како и од тајните служби во Албанија.
Според албанскиот весник „Дита“, Груевски со сигурни негови луѓе влегол на албанска територија.
Потоа според весникот, Груевски во придружба на свои луѓе бил во Тирана, а потоа со возило на амбасадата на Унгарија во Тирана заминал во Црна Гора.
„Дита“ наведува дека самиот факт што Груевски немал проблеми на излезот од Албанија на преминот Хани и Хотит, и покрај тоа што влегол нелегално во земјата, а излегол со лична карта, доволно говори дека минувањето преку Албанија е реализирано со влијателни и сигурни негови луѓе.
Дел од албанските медиуми пак известуваат дека можна замешаност во ова може да има и албанскиот претседател, Илир Мета, но и албански бизнисмен кој има бизниси и во Македонија.
Бугарски и унгарски медиуми претходно неофицијално објавија дека можеби Груевски не е повеќе во Унгарија и дека е во Русија или Турција, а други медиуми го споменуваат неофицијално и Азербејџан како можна дестинација.
Според телевизијата Телма, пак, Груевски е се уште во Унгарија и чека азил.
Има ли и трет пасош?
И понатаму останува мистерија како Груевски се движел при бегството. Дали користел само лична карта или има и трет пасош со некаков друг идентитет. Неговиот личен и дипломатскиот пасош му се одземени.
Доколку летал од Белград со приватен авион, како што објавија медиумите, тоа нема да можел да го направи со лична карта. Иако станува збор за приватен лет пасошката контрола е задолжителна.
Бугарските и српските власти, потврдија дека тој нема бугарски или српски пасош.
Познато е дека од Албанија, според тамошните власти, излегол со лична карта со дипломатско унгарско возило, која ја користел за влез и излез во Црна Гора, повторно движејќи се со унгарско дипломатско возило, како што пишуваа црногорските медиуми, повикувајќи се на полициски извори.
Не е познато каде и кога влегол во Албанија, а претпоставките на албанската полиција се дека тоа го направил влегувајќи пешки во земјата, најверојатно нелегално, а поради немање на никакви официјални информации од Србија, не е познато и што се случува со него откако ја напуштил Црна Гора.
Новина и наводната белоруска врска која му помогнала на Груевски да стигне до Унгарија.
Молк од македонските власти
Од македонските власти се уште нема информации како и кој му помогнал на поранешниот премиер да избега од Македонија.
Во Министерството за внатрешни работи се водат две истраги, а предистражна постапка отвори и Јавното обвинителство.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
На крај Груевски на Фејсбук ќе ни раскаже како избегал
Зошто Србија молчи за бегството на Груевски?
Мапа на „големото бегство“ на Груевски низ Балканот
За сега единствен „виновен“ за бегството на Груевски е Орбан, наскоро ќе биде и Путин
Фото: ВМРО ДПМНЕ